ПРОМОЦИЈА НА КНИГАТА „БИТОЛСКИ ХОРОЛОГИОН“ ОД Д-Р МАРЈАН ТАНУШЕВСКИ

ПРОМОЦИЈА НА КНИГАТА „БИТОЛСКИ ХОРОЛОГИОН“ ОД Д-Р МАРЈАН ТАНУШЕВСКИ

Новото авторско дело, од д-р Марјан Танушевски, книгата насловена „Битолски хорологин“, денес беше промовирана во Битола. Книгата е пишувана во периодот на 2020/21 година и истата тивко и ненаметливо го мери и одмерува  секој миг од битолската подалечна и поблиска историја.

„Хорологион – сончев часовник. Најстариот сончев часовник на ова поднебје, на овие простори е во нашиот град, во Хераклеа, направен во 157 година за да се мери времето. Понатамошниот дел од приказната можете да го прочитате во книгата, а хорологионот од Хераклеа се наоѓа во Завод и Музеј. Во книгата, поместена е приказната за керамичките плочки од IV век пред нашата ера коишто исто така, се во Хераклеа, а се поврзани со светилките којшто уште оттогаш постоеле“, рече Танушевски за своето дело во кое ги опишува и тајните на Тумбе кафе, Еврејските огништа, Офицерскиот дом, Безистенот, бројните мостови на реката Драгор и многу други интересни и нови приказни.

Согледувајќи ја големината и значењето на ова дело, Општина Битола одлучи да даде поддршка за неговото издавање.

„Да бидете градоначалник на ваков град како што е Битола и да имате идеја чија реализација подразбира можност да оставите еден белег, белег на пулсот на живеењето на градот низ вековите, несомнено е нешто што без двоумење, треба да биде стартно поддржано од општината. Самата книга она што го обработува, кажува социјални, економски, културни и низа други елементи и аспекти на живеењето на пулсот на животот на градот и остава еден исклучително значаен научен белег. Се радувам што промоцијата се прави токму денес на најдолгиот ден, којшто е симбол и на она што значи долго милениумско постоење на нашиот град“, рече градоначалничката на Општина Битола, м-р Наташа Петровска, испраќајќи искрени честитки до авторот на книгата.

Промоторот м-р Љупчо Јаневски, вели дека написите во оваа книга, зрачат со безброј можности да бидат искористени во перцепирањето на Битола во очите на многу нејзини посетители од земјата и пошироко.

„Во ова невреме коешто траеше отприлика, петнаесетина месеци и се надевам не повеќе, ниту една минута, како интелектуалци, во својот сегмент сме должни сите да дадеме нешто, да вратиме нешто, непрашувајќи се дали за тоа ќе ни биде вратено. Кога некогаш ќе кажеме дека нема веќе што да се истражи, можеби од тој момент почнуваме да истражуваме. И во тој момент кога во едно интервју ме прашаа, покрај во мојот град Скопје, кое е второто место на кое би сакал да живеам, да творам, јас реков Битола. Многу луѓе се изненадија зошто тоа да биде така, токму затоа, затоа што градот Битола има многу поголема душа од некои други градови, повеќе интелектуалци од многу други градови, повеќе дадено на нашата држава од многу градови.  И токму оваа книга не потсетува на тоа што ние сме должни да направиме, зошто ние треба да ја препрочитаме неколку пати. Во дваесетгодишното работење на авторот во МИА, тој ги извади и ги нанижа како мониста, најубавите нешта што ги дал за Битола. Всушност е она кое сме ние и вие како граѓани на Битола, но и ние како граѓани и посетители во одредени делови. Би рекол: туристи на некој начин во Битола, да го истражиме, да го видиме, да го почувствуваме, да го допреме и да го раскажеме на еден убав наш, значаен начин“, рече м-р Љупчо Јаневски, директор на Агенција за промоција и поддршка на туризмот.

„Битолски хорологион“е вредно истражувачко дело, кое остава пишана ризница и за генерациите што доаѓаат.

„Книгата „Битолски хорологион“ на Танушевски тивко и ненаметливо го мери и одмерува секој миг од битолската подалечна и поблиска историја. Се на се, Танушевски зема парче битолска магија и ја преточува на хартија како вредно четиво за сите што неизмерно ја љубат Битола, без оглед дали живеат во неа или ја напуштиле, но им останала во срцето, но и за сите што допрва сакаат да ја откријат“, вели рецензентот Анета Шијакова, новинар.