ПРОШЕТКА НИЗ ХЕРАКЛЕЈА НА ЛИЦАТА СО ПОПРЕЧЕНОСТ, СО ОПШТИНСКОТО ВОЗИЛО НАМЕНЕТО ЗА НИВ

ПРОШЕТКА НИЗ ХЕРАКЛЕЈА НА ЛИЦАТА СО ПОПРЕЧЕНОСТ, СО ОПШТИНСКОТО ВОЗИЛО НАМЕНЕТО ЗА НИВ

Група лица кои го посетуваат Дневниот центар за лица со попреченост во Битола, како и членови на здруженија на лица со попреченост, денес ја посетија Хераклеја и се сретнаа со градоначалничката Наташа Петровска. Со општинското возило, наменето за лицата со попреченост, набавено преку програмата за развој на Обединетите нации (UNDP) и проектот „Зајакнување на општинските совети“,тие беа земени од Дневниот центар, од домовите и работните места.

„Секоја локална самоуправа е должна своите политики да ги трасира по патеки кои што даваат практики, а се во функција на граѓаните, особено кога станува збор за ранливата категорија граѓани. Во изминатиот период Општина Битола изврши мапирање со сериозен пристап на потребите на граѓаните од ранлива категорија и врз база на тие мапирања ги трасираше политиките во изминатите четири години. Денес, во реална функција после регистрацијата е ставено возилото за лицата со потешкотии во движењето и изведуваме една кратка екскурзија во Хераклеја, каде што исто така приодот е подобрен за лица со потешкотии во движењето, преку проектот Смарт-кул-тур, кофинансиран од страна на Европската Унија, во рамките на Вториот повик на ИПА програмата за прекугранична соработка помеѓу Репубика Северна Македонија и Република Албанија, 2014-2020.. Независно, кој ќе биде следниот градоначалник, возилото кое што веќе е во сопственост на Општина Битола, целосно треба да биде ставено во функција на лицата за кои што е наменето, а за што Општина Битола, имајќи ја во предвид финансиската стабилност, целосно треба да ги покрива трошоците на потребите на граѓаните за транспорт, сеедно дали станува збор за транспорт до Дневниот центар, до некоја здравствена институција, или едноставно транспорт, за да имаат ваков ден исполнет со прошетка. Ова го кажувам како аманет до градоначалникот кој што ќе ја води Општина Битола следните четири години“, рече градоначалничката Наташа Петровска.

„Идејата за ова возило се јави на првиот форум организиран од Швајцарската амбасада, Општина Битола и граѓанскиот сектор. Како вработен во Центарот за социјална работа и како лице кое работи со оваа категорија граѓани, ја дадов идејата да се набави вакво возило, за лица со посебни потреби, за да се олесни пристапот до Дневниот центар, во општината и надвор од општината, по што се реализираше проектот. Сега можеме да ги видиме насмеани лицата на овие деца, кои можат да излезат надвор од своите домови и од дневниот центар“, истакна Денис Алилоски, вработен во ЦСР Битола.

Петровска потсети дека во нејзиниот мандат Општина Битола на 17 места изврши подобрување на тротоарскиот пристап за лицата со потешкотии во движењето, извршено е подобрување до пристапот на Дневниот центар. Самата општина постави лифт и изврши адаптација на тоалетите за инвалидизирани лица во општинската зграда. Дадени се средства и до граѓаните кои што олеснија инфраструктурно пристапот до домовите и направија внатрешни адаптации. Во две градинки и две основни училишта направени се инклузивни паркови, а во самите училишта се изведени инфраструктурни зафати за оваа категорија.