СО ПОРАКИ ЗА ЕДНАКВОСТ И НИЗА АКТИВНОСТИ ОДБЕЛЕЖАН МЕЃУНАРОДНИОТ ДЕН НА ЛИЦАТА СО ПОПРЕЧЕНОСТ

СО ПОРАКИ ЗА ЕДНАКВОСТ И НИЗА АКТИВНОСТИ ОДБЕЛЕЖАН МЕЃУНАРОДНИОТ ДЕН НА ЛИЦАТА СО ПОПРЕЧЕНОСТ

За подигнување на свеста во општеството за еднаков третман на сите лица и остварување на еднакви права на лицата со попреченост, во секој аспект од политичкиот, социјалниот, економскиот и културниот живот, Општина Битола, со повеќе активности се вклучува во одбележувањето на Меѓународниот ден на лицата со попреченост.

По повод денешниот ден, во соработка со здружението на психолози за стручна и морална поддршка на деца и возрасни ,,Рилука” беше организиран настан на тема ,,Сите сме еднакви”. Отворената работилница, водена од психолозите во здружението имаше за цел да овозможи непосредна комуникација со децата со попреченост и нивните родители, а на тој начин да се влијае врз подигнувањето на јавната свест и создавање подобри услови за живот на лицата кои се соочуваат со одредена попреченост. Дел од настанот е и арт работилница, која има за цел другарување и креативно изразување, заедно со децата од здружението.

Под мотото „Гледај ја личноста, не попреченоста“, општината се вклучи и во организацијата на настанот со хуманитарен карактер, кој преку забава, насмевка и другарување со омилените ликови магионичарот Марло и кловнот Диши, има за цел да ги поттикне децата, меѓусебно да се почитуваат, разбираат, да си помагаат. Само со заедничка поддршка, сите заедно можеме да дадеме придонес кон надминување на пречките и создавање услови за развој на потенцијалот, креативноста и умешноста на секој поединец, беше потенцирано на овој настан.

По повод меѓународниот ден на лицата со попреченост и поддршка во заложбите за еднаквост, недискриминација и соживот, Општина Битола, ги поддржува и активностите на Центарот за поддршка на лица со интелектуална попреченост „Порака“, кои ќе се одржат, утре напладне на Плоштадот Магнолија. Пораката на настанот е: „Лицата со попреченост имаат право не само на овај ден и на секој нареден“. Во овој контекст, „Порака“, организира и музичко – литературен перформанс, насловен ,,Свет за сите – зашто љубовта не познава пречки“.

Покрај поддршката на овие настани, со цел подобрување на условите за живот на сите граѓани, до крајот на месецот, во Општина Битола, отворен е и јавниот повик за искористување на средства за адаптација, изградба или поставување на инфраструктура и опрема за физичка пристапност во домот на лица со попреченост, преку субвенционирање на трошоците, за овозможување непречено движење на индивидуата во својот дом, согласно Програмата за социјална заштита на Општина Битола. Општината во моментот реализира и тековни активности со методологијата за социјално мапирање со цел интегрирање на податоци за социјално загрозени групи во процесите на планирање и донесување одлуки во доменот на  социјалната заштита.