СРЕДНОШКОЛЦИ ОД ЕКОНОМСКОТО УЧИЛИШТЕ НА СРЕДБА СО ГРАДОНАЧАЛНИЧКАТА ПЕТРОВСКА

СРЕДНОШКОЛЦИ ОД ЕКОНОМСКОТО УЧИЛИШТЕ НА СРЕДБА СО ГРАДОНАЧАЛНИЧКАТА ПЕТРОВСКА

Средното економско училиште „Јане Сандански“ од Битола е едно од 10 те средни училишта, вклучени во проектот „Јакнење на малцинствата и специфичните групи за промовирање на партиципативната демократија на ниво на заедницата фаза 2“, проект кој се реализира од страна на Центарот за граѓанска иницијатива – Прилеп, поддржан од Ифа/Живик програмата во склоп на Федералната канцеларија за надворешни работи на Сојузна Република Германија. Во рамките на проектните активности за работа со млади и обезбедување услови, како младите можат да го исполнат својот потенцијал како активни граѓани, денес беше организиран настан на кој учесниците имаа можност да се запознаат со локалната самоуправа и начинот на нејзино функционирање.

Градоначалничката на Општина Битола, м-р Наташа Петровска, ги запозна младите учесници за начинот на работа во Општина Битола, како и за постојаната отвореност на локалната самоуправа за младите ентузијасти и нивните идеи. Петровска нагласи дека, секој добар предлог кој е во интерес на подобрување на животот во општината може да биде прифатен. Исто така, Петровска ги стимулираше младите луѓе на континуирано сопствено надградување, затоа што само вистинските професионалци се конкурентни и за нив постојат секогаш отворени врати за вработување како во државниот, така и во приватниот сектор.

Учесниците на настанот, изразија голема благодарност до Петровска за инвестициите во училишните отворени спортски терени, чија функционалност особено била значајна за младите за време на КОВИД периодот со многу ограничувања. Исто така, младите го изразија својот позитивен став кон уредувањето на делот на градот над Новиот пазар, кој го нарекуваат ново шеталиште, поставувањето на подземните контејнери на улицата Васко Карангелевски, а според нивните зборови „Битола овие години наликува на цветна градина“.

Петровска се заблагодари за поддршката, нагласувајќи дека само со континуирано, системско и организирано делување, може да се постигнат вистински резултати во интерес на подобро функционирање на заедницата.