СТАВЕН ВО УПОТРЕБА НОВИОТ ЕХО АПАРАТ НА ПЕДИЈАТРИЈА ВО КЛИНИЧКА БОЛНИЦА БИТОЛА, ДОНАЦИЈА ОД ЈАПОНСКИОТ НАРОД

СТАВЕН ВО УПОТРЕБА НОВИОТ ЕХО АПАРАТ НА ПЕДИЈАТРИЈА ВО КЛИНИЧКА БОЛНИЦА БИТОЛА, ДОНАЦИЈА ОД ЈАПОНСКИОТ НАРОД

​Денес, Амбасадорот на Јапонија, Н.Е. Савада Хиронори, присуствуваше на настанот за комплетирање на GGP-проект во Јавната здравствена установа, Клиничка болница „Д-р Трифун Пановски“ Битола, организиран од страна на градоначалникот на општина Битола, Тони Коњановски и директорот на Клиничката болница, д-р Александар Обедниковски, во знак на благодарност за донацијата.

​Со овој проект, Јапонија овозможи ЈЗУ Клиничка болница „Д-р Трифун Пановски“ Битола да добие нов „Канон“ ехо апарат на Одделот за педијатрија, во вкупен износ од 52,779 евра. Ова е прв ваков апарат на педијатриското одделение во последните 25 години и претставува огромна придобивка за јавното здравство во Битола и пошироко во југозападниот регион на земјата.

„Децата повеќе нема да чекаат долго за преглед и дијагноза и ќе се намали потребата да бараат помош во далечните клиники што создаваше дополнителен трошок за нивните семејства.” рече Амбасадорот Савада, на денешниот настан.

Во текот на посетата, амбасадорот Савада имаше кратка средба со градоначалникот Коњановски и директорот Обедниковски, на која разговараа за можностите за идна соработка, како и за зајакнување на соработката помеѓу двете земји, преку збратимување на Битола со градот Чигасаки од Јапонија.

„Како општина, која сега веќе има проектна подготвеност во повеќе области, за кои ГГП програмата предвидува поддршка, очекувам дека во идниот период, ќе бидеме домаќини на претставување на нови, заеднички проекти, не само од областа на здравството, туку и во делот на образованието и инфраструктурата.

Уште еднаш голема благодарност до Амбасадорот Савада и верувам дека заеднички ќе придонесеме за реализација на нови проекти кои ни се неопходни“, рече градоначалникот Коњановски.

Преку програмата GGP, досега, Јапонија финансираше над 60 проекти во здравствениот сектор во вкупна вредност од повеќе од 3 милиони евра конкретно во медицинска опрема, реновирање на клиники и возила за брза помош. Дополнително, Јапонија во последните две години ги опремува јавните здравствени установи со медицинска опрема во вредност од 813.000 евра како итна помош за COVID-19, дел од Програмата за економски и социјален развој и дополнителна нефинансиска помош понудена во лекови за 100 пациенти со КОВИД-19.

Преку проектите од програмата за мали грантови (GGP), Јапонија има финансирано реновирање и набавка на опрема за повеќе од 73 училишта и градинки, 64 здравствени установи и обезбеди 34 специјализирано возило за управување со отпад и комунални услуги за 51 општинa.