УШТЕ ЕДЕН НОВ МОСТ НА РЕКАТА ДРАГОР

УШТЕ ЕДЕН НОВ МОСТ НА РЕКАТА ДРАГОР

Во завршна фаза се активностите за целосна изградба на мост на местото по течението на реката Драгор каде што пред многу децении истиот постоел и бил од големо значење за жителите на овој дел од градот. После голема поплава во 1958 мостот бил урнат, но по барање на локалното население од двете урбани заедници, Даме Груев и Елпида Караманди, повторно ќе се олесни комуникацијата од двете страни на реката. Мостот на уште едно место ќе ги поврзува населбата Јени Маале и населбите Карпош и Кланица. Иницијативата произлезе од жителите на двете урбани заедници, а истата доби голема поддршка од градоначалникот, но и од донатори:

„Овој проект кој е во фаза на реализација беше по барање на двете урбани заедници. Направивме еден проект и покрај што издвоивме средства од Буџетот на општина Битола, овојпат имаме и донатори, кои што се јавија и сакаа да помогнат во дел од проектите. Ние им понудивме повеќе проекти, а овој дел е помогнат со 1 000 000 денари од донатори. Мостот е во завршна фаза, а истиот ќе биде голема придобивка за граѓаните од двете страни на реката. Исто така и на едната и на другата страна завршивме и доста други проекти кои се нивно барање“, изјави градоначалникот на општина Битола, д-р Владимир Талески, при денешната посета на терен.

Со изградбата на овој мост, реализирани се 90 % од програмата за реконструкција на мостовите на реката Драгор. Претседателите на двете урбани заедници изразија голема благодарност за поддршката и соработката со градоначалникот, кој е постојано во комуникација со своите сограѓани, со цел решавање на што поголем број инфраструктурни потреби во урбаниот и руралниот дел на општината. После посетата на градежните активности за изградба на новиот мост на реката Драгор,  градоначалникот на терен продолжи со работна посета на други локации на кои наскоро треба да започнат предвидените инфраструктурни зафати за новата градежна сезона, а за кои веќе се изготвени проекти, обезбедени се средства од општинскиот буџет и донесени се одлуки од страна на Советот на општина Битола.

MostDragor2016-4

MostDragor2016-1 MostDragor2016-2 MostDragor2016-3