ФРАНЦУСКА ДОНАЦИЈА ОД ТРИ ВОЗИЛА И ОПРЕМА ЗА ТЕРИТОРИЈАЛНАТА ПРОТИВПОЖАРНА ЕДИНИЦА ОД БИТОЛА

ФРАНЦУСКА ДОНАЦИЈА ОД ТРИ ВОЗИЛА И ОПРЕМА ЗА ТЕРИТОРИЈАЛНАТА ПРОТИВПОЖАРНА ЕДИНИЦА ОД БИТОЛА

Како резултат на добрата соработка на општина Битола, со Амбасадата на Франција и почесниот конзулат во Битола, возниот парк на територијалната противпожарна единица во Битола е дополнет со три возила и друга опрема за интервенција при шумски пожари. Донацијата доаѓа од Асоцијацијата „Working together“, од Франција, а нивни обучувачи, изминатите денови, вршеа обука на битолските пожарникари за ракување со доставената опрема. На денешниот настан, на кој беше промовирана оваа донација, свое обраќање имаше Амбасадорот на Франција, Н.Е Сирил Бомгартнер.

„Среќен сум што сум денеска помеѓу вас за да присуствувам на оваа значајна донација за заштита од шумски пожари и тоа од повеќе причини. Најпрво, шумските пожари се една голема несреќа што го руши она најдрагоценото што го имаме: нашето опкружување, нашето наследство, понекогаш и нашите животи. Оваа несреќа за жал има тенденција на влошување со уништувањата на планетата и особено со климатското затоплување. На тоа бевме сведоци токму тука, минатото лето. Оваа соработка е многу конкретна и се состои, како тука во обезбедување на опреми што на терен ќе придонесат за зајакнување на ефикасноста на средствата за борба против овие пожари. Денешната церемонија, има дотолку повеќе смисол што оваа донација се впишува во една историја на веќе долга соработка во овој домен, помеѓу Битола и Франција и особено Асоцијацијата „Working Together“, на којашто јас сакам да и укажам чест. Наскоро, ќе бидат 15 години, како редовно „Working together“, спроведува обуки и снабдува опреми за потребите на пожарникарите од Битола и нејзината околина“, рече меѓудругото, амбасадорот Бомгартнер.

Со примањето на донацијата од Република Франција, општина Битола, ги зајакнува своите капацитети во противпожарната заштита, истовремено продлабочувајќи ја соработката со здружението „Working Together”, започната во 2009 година.

„Денес, ми претставува посебна чест, што имаме можност, да го одбележиме продлабочувањето нa соработката со нашите пријатели од Франција, како резултат на кое, возниот парк на територијалната противпожарна единица во Битола се дополнува со 3 возила и дополнителна опрема, а преку спроведената обука изминатите денови под водство на француските обучувачи, се зајакнуваат вештините на нашата противпожарна единица.

Сакам да изразам голема благодарност до амбасадорот на Франција, почесниот конзул и здружението Working Together, кои со својата континуирана активност, се наш многу важен поддржувач во реализацијата на заложбата на општина Битола, за соодветно опремена противпожарна единица, со цел брза и ефикасна интервенција при заштита на населението и материјалните добра при пожари и други опасни ситуации.

Како локална самоуправа, продолжуваме да работиме и на реализација на проектот за изградба на нова противпожарна зграда, со што покрај подобра опременост, ќе овозможиме и подобри услови за работа на нашите пожарникари.

Убеден сум дека и во иднина, нашата соработка со амбасадата на Франција, се повеќе ќе се зголемува и заедно ќе имаме можност да го одбележиме успешното завршување и на други активности и проекти, поврзани и со други области на општественото живеење“, рече во своето обраќање градоначалникот на општина Битола, Тони Коњановски, кој им додели благодарници на обучувачите од француската асоцијација.