ЦРВЕН КРСТ ОДБЕЛЕЖУВА 77 ГОДИНИ ХУМАНОСТ И ПОСВЕТЕНА РАБОТА

ЦРВЕН КРСТ ОДБЕЛЕЖУВА 77 ГОДИНИ ХУМАНОСТ И ПОСВЕТЕНА РАБОТА

Во Народниот театар во Битола, синоќа беа доделени признанија на крводарителите од Битола кои дарувале крв 50, 75, над 130 пати и на еден крводарител кој дарувал крв 141 пат. Признанијата за нивната хуманост и придонес во спасувањето на човечки животи, им ги врачија градоначалникот на општина Битола, Тони Коњановски, градоначалникот на општина Могила, Драганчо Саботковски и градоначалникот на општина Новаци, Стевче Стевановски.

Градоначалникот Коњановски, во своето обраќање пред публиката, ја нагласи важноста од успешната соработка, која општина Битола, ја остварува со општинската организација на Црвениот крст, со која во моментот се реализираат проектите за згрижување на бездомни лица и лица во ризик, како и обука на невработени лица за побарувани занимања. Тој го потенцираше и понатамошното заедничко делување во насока на спроведувањето на социјално – хуманитарната и здравствено превентивната дејност.

Настанот кој беше организиран по повод Денот на крводарителството и 77 годишнината од основањето на Црвен крст на Македонија, го затвори театарската претстава насловена ,,Одам на лов”, во изведба на волонтерите на Клубот на млади при Општинската организација на Црвен крст Битола. Прекрасната актерска игра, беше поздравена со силни овации од страна на публиката.