ЈАПОНСКА ДОНАЦИЈА ОД НАЈСОВРЕМЕН УЛТРАЗВУЧЕН ЕХО АПАРАТ ЗА ОДДЕЛЕНИЕТО ЗА ПЕДИЈАТРИЈА ВО КЛИНИЧКАТА БОЛНИЦА

ЈАПОНСКА ДОНАЦИЈА ОД НАЈСОВРЕМЕН УЛТРАЗВУЧЕН ЕХО АПАРАТ ЗА ОДДЕЛЕНИЕТО ЗА ПЕДИЈАТРИЈА ВО КЛИНИЧКАТА БОЛНИЦА

Денес, во општина Битола беше потпишан новиот проект поддржан од „Џиџипи“ (GGP) програмата на Јапонската амбасада. Со грант договорот за донација, кој го потпишаа амбасадорот на Јапонија, Савада Хиронори и директорката на Клиничката болница Билјана Гагачовска, одделението за педијатрија во Битола ќе добие најсовремен ултразвучен ехо апарат, во вредност од 52.779 евра.

„Со овој грант, Јапонија на Клиничката болница Битола ќе ѝ обезбеди ултразвук од брендот ‘Канон’ кој на Одделението за педијатрија  е потребен за прецизна и навремена дијагноза на разни болести кај деца до 14 години. Годинава ќе потпишам 13 проекти во вкупен износ од 825 000 евра со кои досегашната јапонска поддршка ќе изнесува вкупно 8,5 милиони евра за 171 проект“, рече амбасадорот Савада.

Директорката на Клиничката болница, нагласи дека со набавката на најсовремен ултразвучен апарат за ехо дијагностика на Педијатриското одделение, ќе се подобрат условите за грижа за здравјето на најмладите пациенти од југо-западниот регион.

Градоначалникот Коњановски, ja потенцираше важноста на донацијата, нагласувајќи дека и во идниот период соработката помеѓу општината и амбасадата ќе се зајакнува:

„Со новоодобрениот проект, Општина Битола во изминатиот период има добиено 10 грантови од GGP програмата, што ја потврдува долгогодишната соработка на Битола со Јапонија, започната во 1996 година.

Во оваа прилика, сакам да искажам голема благодарност до Јапонскиот амбасадор и јапонскиот народ и верувам дека во идниот период, се повеќе ќе работиме на зајакнување на нашето пријателство и соработка, преку реализација на заеднички проекти, кои ќе придонесат за подобрување на условите во институциите, но и преку културна размена, која ќе овозможи доближување на културите на двата народи“, рече градоначалникот Тони Коњановски.