10-ТО ЈУБИЛЕЈНО ИЗДАНИЕ НА ИЗЛОЖБАТА СО ЉУБОВ ОД БИТОЛА

10-ТО ЈУБИЛЕЈНО ИЗДАНИЕ НА ИЗЛОЖБАТА СО ЉУБОВ ОД БИТОЛА

Во фоајето на Центарот за култура Битола, синоќа беше отворена 10-тата по ред изложба насловена „Со љубов од Битола“, годинава со тематика посветена на архитектонските симболи на градот. На конкурсот годинава свои фотографии испратија 32 фотографи, со околу 90 фотографии. Во рамките на јубилејната изложба изложени се 54 фотографии, од кои 27 се во рамките на десеттото издание, а останатите се ретроспектива на наградените фотографии од претходните девет години.

Градоначалникот на општина Битола Тони Коњановски, прогласувајќи ја изложбата за отворена, ја истакна нејзината важност за градот Битола.

„Преку оваа изложба и ние самите битолчани, кои секојдневно минуваме покрај објектите кои се во фокус на фотографиите, забележуваме детали, кои во секојдневието не сме ги виделе. Изложбата е значајна за нашата традиција, историја и култура која ја претставуваме пред публиката и верувам дека заеднички ќе дочекаме уште многу големи јубилеи“, истакна градоначалникот Коњановски, кој воедно доби благодарница од организаторот, за поддршката од страна на општина Битола за реализација на изложбата.

„Стручното жири годинава го сочинуваа Роберт Јанкулоски, Весна Каревска –Пукич и Симона Калица, кои  ја имаа задачата да селектираат околу 20 фотографии, од кои три фотографии ги наградија со прво, второ и трето место.Сите пристигнати фотографии ќе бидат дел од дигиталната изложба во рамките на изложбениот простор“, рече Диоген Хаџи Коста Милевски, во име на организаторот на изложбата – Центарот за европски развој и интеграција од Битола.

Реализацијата на изложбата е во организација на ЦЕРИ Битола во соработка со НУ Центар за култура Битола, со поддршка на  Министерство за култура, Општина Битола  и Сава пензиско друштво а.д. Скопје. Изложбата ќе биде поставена до 26.09.2022.