4 НОЕМВРИ: СО ЉУБОВ ЗА БИТОЛА – СПОМЕН ОБЕЛЕЖЈЕ ВО ЧЕСТ НА МИНАТОТО, СО ПОРАКА ЗА СЕГАШНИТЕ И ИДНИТЕ ГЕНЕРАЦИИ

4 НОЕМВРИ: СО ЉУБОВ ЗА БИТОЛА – СПОМЕН ОБЕЛЕЖЈЕ ВО ЧЕСТ НА МИНАТОТО, СО ПОРАКА ЗА СЕГАШНИТЕ И ИДНИТЕ ГЕНЕРАЦИИ

„Со љубов за Битола“ е симболиката која ја испраќа новото спомен обележје поставено во градскиот парк, кај Саат кулата, по повод Денот на ослободувањето на градот – 4 Ноември. Ова обележје, дополнително ја зголемува културно – историската вредност на оваа локација, збогатувајќи ја и нејзината туристичка атракција. Буквите кои во вечерните часови се осветлени, не оставаат рамнодушен ниту еден битолчанец, затоа што нивната визуелна впечатливост, всушност со себе носи силна порака на придонесот за градот кој го давал и дава секој жител на оваа општина. Почнувајќи од оние кои се бореле за ослободувањето на градот, тие кои што денес вложуваат во неговото разубавување и создаваат подобри услови за живот, продолжувајќи кон мотивот на младите генерации кои со своите знаења, умеења и вештини и понатаму со многу љубов, ќе градат и творат за својата Битола.

Токму затоа, годинава, наградите на учениците од основните и средните училишта во градот, кои со своите наставни и спортски активности, постигнуваат високи резултати, а со тоа придонесуваат за промоција на Битола, градоначалничката Петровска ги додели пред ова спомен обележје.

„76 балони – 76 години од ослободувањето на нашата Битола. Се наоѓаме овде, пред Саат кулата, заедно со дел од нашиот подмладок, од младите генерации, кои во оваа измината година, со своите активности, оставија белег и траг на денешницата. Нека ни е за ммногу години и вековит нашиот празник и нека младите луѓе ни се здрави и живи, просперитетни и вака успешни, како што овие деца денес, покажаа со своите резултати. Од минатата година, Општина Битола започна со наградување на најуспешни ученици од нашиот град и во таа традиција ќе продолжиме да делуваме, затоа што подмладокот е нашата перспектива и нашата иднина“, изјави градоначалничката на Општина Битола, м-р Наташа Петровска, при доделувањето на наградите на учениците.

Парични награди, годинава општината им додели на Леонид Сајков, Искра Нечаковска, Лука Талев, Евгенија Дивитарова и Ана Полизовска.

Леонид Сајков, кој е ученик во СОУ Гимназија Јосип Броз Тито, досега бил дел од три меѓународни олимпијади по природни науки, а два пати има освоено прво место на државните натпревари по физика. Искра Нечаковска е ученичка во ОУ Свети Климент Охридски, а со своето учество на општински, регионални и државни натпревари, постигнала големи резултати, особено по математика, природни науки, биологија, географија и англиски јазик. Ана Полизовска е ученичка во ОУ Елпида Караманди, а годинава нејзиниот успех го потврдува и првата државна награда по природни науки. Лука Талев, како ученик во ОУ Стив Наумов зад себе има општински, регионални и државни награди и признанија по наставниот предмет биологија, како и награди за неговите пливачки способности.  Евгенија Дивитарова, која во учебната 2019/20 година го заврши своето средно образование за своите исклучителни изуми, наградата ја понесува на предлог од Народна техника. Наградата од Општина Битола, за нив е дополнителен мотив за понатамошни нови успеси:

„Имам освојувано многу награди во различни области. Конкретно, за оваа година, за која сум и наградена, имам освоено „Златна плакета“ – најдобро кариерно портфолио. Неколку пати сум била првак во државни натпревари. Оваа награда за мене многу значи и ќе биде голем мотив за уште повеќе да творам во науката“, изјави Евгенија Дивитарова.

Во името на останатите наградени ученици и ученикот Леонид Сајков, го потврди големото значење на наградата за учениците:

„Оваа година бев учесник на две меѓународни олимпијади по предметот хемија. За мене е огромна чест на ваков празник, да бидам одликуван со ваква награда, а истото важи и за сите други што беа наградени и сум многу среќен што општината зазема чекори да ги поддржи и унапреди своите најуспешни ученици“, изјави Леонид Сајков, ученик во СОУ Гимназија Јосип Броз Тито од Битола.