Се проширува магистралниот пат М-5 за влез во Индустриската зона Жабени

Се проширува магистралниот пат М-5 за влез во Индустриската зона Жабени

Во индустриската зона Жабени активностите со кои локалната самоуправа создава поволни услови за инвеститорите се во напредна фаза. Во моментот, се врши проширување на магистралниот пат М-5 и асфалтирање во површина од 4000 метри квадратни, по што ќе бидат асфалтирани уште 6000 м². Асфалтирањето на влезот во Индустриската зона Жабени произлегува од потребата која се наметнува со законските измени кои не дозволуваат директен влез од магистрален пат во индустриска зона.
Со одобрение од фондот за патишта Општина Битола ја започна оваа нова инвестиција со околу 15 000 000 денари за изградба на пристапниот пат. Влезот во зоната ќе биде обележан и со сообраќајни знаци со што ќе се зголеми сообраќајната безбедност.
„За потребите на гигантот Кромберг и Шуберт кога изградбата на фабриката ќе завршува ќе се асфалтира дел од патеката, ќе се наптави пат во вид на елипса околу ИЗ Жабени, а во првиот дел ќе асфалтираме и до влезната врата на Кромберг и Шуберт. До 15 ти ноември според очекувањата ќе се затвори еден голем дел од објектот на Кромберг и Шуберт и фабриката ќе ги прифати првите вработени. Се работи за 60 луѓе кои што веќе се примени и се на обука во други земји каде што има исти вакви фабрики Кромберг и Шуберт” – изјави Градоначалникот на Општина Битола м-р Владимир Талески на денешната прес конференција во индустриската зона Жабени.

Деновиве, во тек е и огласот за нови вработувања во Кромберг и Шуберт, а до Нова година бројот на нововработени граѓани во фабриката ќе биде до 200 граѓани, до март 500, до јули 800, а до крајот на 2013 та година 1000 нововработени.

Во следната фаза Општина Битола ќе обезбеди и тампониран паркинг за поголеми превозни средства, а ќе биде пробиен и нов пат – пристап за влез од другата страна на фабриката на Кромберг и Шуберт со што ќе бидат исполнети и останатите безбедносни барања кои треба да ги задоволува оваа фабрика.
Местоположбата на индустриската зона Жабени предизвикува интерес кај инвеститорите, така што се очекува бројот на издадените одобренија за градба наскоро да се зголеми од 2 на 5 одобренија за градба.

„Нашата индустриска зона се наоѓа меѓу магистралниот пат Битола – Грција и железничката пруга која со финансиски средства преку ИПА фондовите и Министерството за транспорт и врски ќе се реконструира и ќе биде ставена во функција. За нашите потреби во проектот на Македонски железници се стави уште еден крак – влез во индустриска зона „Жабени“ кој ќе значи пристигнување, прифаќање на роба и транспорт независно дали тоа ќе се одвива на север кон Скопје или кон Солунското пристаниште“- изјави Талески.

Вкупната инвестиција во создавањето на услови за развој на индустриската зона Жабени и подобрување на животот на илјадници семејства од Општина Битола и регионот, во оваа фаза изнесува 243 500 000 денари, од кои 80 000 000 се поддршка од Владата на Република Македонија.