ТРОЈЦА МЛАДИ СТУДЕНТИ ОД ДИЈАСПОРАТА НА ТРИНЕДЕЛНА ПРАКСА ВО БИТОЛА

ТРОЈЦА МЛАДИ СТУДЕНТИ ОД ДИЈАСПОРАТА НА ТРИНЕДЕЛНА ПРАКСА ВО БИТОЛА

Христијан Доумкос, Наум Хофман и Метју Костов, се тројца млади студенти од Америка, Канада и Швајцарија, кои во Битола, посетуваат практична настава, како студенти од дијаспората и учесници во програмата „Родум од Македонија“ (Birthright Macedonia) која од годинава, за првпат се реализира и во Битола.

Програмата Родум од Македонија (Birthright Macedonia) ја реализира Обединетата Македонска Дијаспора во соработка со Македонскиот центар за меѓународна Соработка (МЦМС) и новосоздадената Битолска Алијанса на Родум од Македонија. Оваа програма ги поврзува македонските корени преку комуникација на македонскиот јазик, а студентите имаат можност да ја доживеат македонската култура, традициите, богатата кујна и историјата на нивните предци во татковината.

На покана на градоначалникот Тони Коњановски, општина Битола ја посетија овие студенти од дијаспората кои изведуваат практична настава во градот, во: „Битолска лабораторија“, приватната ИТ компанија „iSORCE“ и Управата за јавни приходи – регионална дирекција Битола, заедно со организаторите на програмата за Битола, професорките Рената Петревска Нечкоска и Мимоза Богданоска Јовановска и претставникот на Организација на жени Светлана Петковска.

На средбата, се разговараше за програмата со која во период од три недели, сите учесници се распоредени низ државни институции, приватни бизниси, компании и организации со соодветна гостувачка програма за поконкретно практично осознавање на работата кое ги надополнува нивните академски и кариерни цели. Воспоставувањето на ваквата соработка е од особено значење за промоција на македонската култура, запознавње на младите Македонци кои се родени и живеат надвор од државата со културното наследство, размена на искуства и знаења, но и воспоставување контакти и пријателства со нивните врсници во земјава, како и реализација на активности кои може да придонесат и за поинтензивна соработка со дијаспората.

Градоначалникот Коњановски им посака пријатен престој на студентите во Битола, препорачувајќи им да ги посетат значајните културно – историски споменици, кои сведочат за богатата историја на Битола, но ја изрази и отвореноста за соработка на локалната самоуправа, како промотор и поддржувач во реализација на проектните активности кои имаат значење за Битола од повеќе аспекти.