Општина Битола

ВО НАПРЕДНА ФАЗА Е РЕКОНСТРУКЦИЈАТА НА ОБЈЕКТОТ НА НЕКОГАШНОТО КИНО „ПАРТИЗАН“, МИНИСТЕРОТ ЗА КУЛТУРА И ТУРИЗАМ ВО РАБОТНА ПОСЕТА НА БИТОЛА

Денешната работна посета на министерот за култура и туризам Зоран Љутков започна со работен состанок во кабинетот на градоначалникот на Битола.

На средбата со градоначалникот Тони Коњановски и секретарот на Општина Битола Борче Димитровски, се разговараше за тековните проекти, предизвиците и идните можности за развој на културата и културниот туризам во градот.

Според министерот Љутков, Битола отсекогаш била еден од најсилните столбови на македонската култура, уметност и духовност.

Посетата продолжи на локацијата каде во тек се градежните активности за реконструкција на поранешното кино „Партизан“ во Битола, каде увид изврши министерот придружуван од градоначалникот на Битола Тони Коњановски, пратеници од Битола, претседателот на Советот и директори на национални установи.

„Денеска имаме неколку настани, но првенствено беше важно да се види до каде е реализацијата на адаптација, санација и реконструкција на киното „Партизан“. Она што можам да го видам е дека реконструкцијата е во напредна фаза, динамиката оди многу добро. Обезбедени се некаде околу 94 милиони денари за завршување на овој објект и според она што можам да го видам ќе стигнеме и малку побрзо од планираното, односно дека до крајот на 2027 година овој објект ќе биде завршен и пуштен во употреба“ истакна министерот за култура и туризам Зоран Љутков.

За градоначалникот на Битола посетата на министерот е добар почеток на работната недела заедно да посетат неколку национални институции од областа на културата.

„Особено интерес министерот пројави за фазите на делување на овој објект, на некогашното кино „Партизан“, кој прераснува во еден мултифункционален објект. На Битола никогаш не и се доста вакви простори, во делот на галериско уредување, во една дополнителна сала со многу интересни решенија, така што Битола е туристички препознатлива и секако ова е голем дел и на туристичката понуда, пред се на културната понуда на градот, со што навистина можеме да се пофалиме“ рече градоначалникот на Битола Тони Коњановски заблагодарувајќи се и на министерот и на министерството за досегашната поддршка и за идните соработки.

Во рамките на посетата направија увид и во конзерваторско-реставраторските работи на ентериерот на Јени Џамија. Проектот опфаќа конзервација и реставрација на ѕидното сликарство, дрвените, металните, мермерните и гипсените декоративни елементи, за што министерството за култура и туризам има обезбедено околу 12 милиони денари.

Го посетија и археолошкиот локалитет „Хераклеа“, за кој што беше кажано дека е еден од најзначајните локалитети во Македонија и за кој годинава министерството одвои средства за кровната конструкција, односно препокривање на кровната конструкција за да можат да се заштитат мозаиците.

Тој кажа дека радува фактот што во последниве неколку години посетеноста на „Хераклеа“ се движи  од 22.000 до 25.000 посетители годишно. Во изминатите две години министерството одвои околу 32 милиони денари за активности на Завод и музеј Битола, за реставрација на предната фасада, партерно уредување на лапидариумот и реновирање на сувенирницата која претставува значаен дел од туристичката понуда на Битола.

Scroll to Top