Информации за Култура
Култура
Симболи
Грб на Општина Битола
Непрекинат златен фриз врз сина основа што ја симболизира богатата и длабока историја на Битола, централно поставениот црвено-златен штит и осончаните врвови на пелистерската молика и пелагониското златно класје се основните симболи на грбот на Општина Битола.
Сверичниот долен дел од грбот асоцира на белиот амфитеатар во Хераклеа
Сината боја го симболизира граѓанското општество и демократија
Црвената боја го симболизира животот и традицијата
Белата боја е метафора на моралната чистота и етика
Преку основната идеја на симболот на грбот, визуелно и хералдички се прикажани и доловени раскошните духовни и материјални добра на Општина Битола, дополнително засилени со чистата колоритна структура.
Културни манифестации
- Фестивали
- Публикации
- Анкети
- Денот на Европа
- Светскиот ден на музеите
- Мал битолски Монмартр
-
Денот на независноста
на Р. Македонија -
Интернационален Фестивал
на Филмска Камера
„Браќа Манаки“ - 4 – ти Ноември
- Дочек на Нова Година
- Тра ла ла – Интернационален музички фестивал кој традиционално се одржува во месец август веќе 19 години. Учествуваат солисти и вокални формации од околу 25 држави, поделени во возрасни категории од 6-26 години. Учесници од фестивалот Тра ла ла, 45 пати учествувале на реномирани Интернационални манифестации надвор од Македонија, достојно претставувајќи го нашиот град и нашата држава. Фестивалот Тра ла ла е член на Светската асоцијација на перфоманси и уметности, а наскоро ќе стане и член на Светската асоцијација на фестивали и уметности. Добитник е на многу признанија и награди, меѓу кои и Интернационалната плакета за мир и развој на културата.
www.tralala.mk - ,,СИ ДО “ e интернационалниот детски музички фестивал, еден од најстарите и најреномираните детски фестивали со 21 годишна традиција и континуитет во Р.Македонија и истиот претставува препознатлив бренд за градот Битола. Дел од талентите кои произлегоа од ,, СИ ДО“ се познатите музички имиња како Каролина Гочева, Димитар Андоновски, Ламбе Алабаковски, Бојан Стојков , Анета Мицевска , Next Time и др. „СИ ДО“ е член на многу меѓународни организации преку кои се промовира и афирмира македонската детска песна, а тоа се докажува со бројните награди и признанија. Цел на фестивалот е да се поттикни младата популација за изучување на музиката преку што би се осознала нејзината значајност во општеството. Фестивалот има препознатлив карактер и квалитет и е еден меѓу првите фестивали со оригинална концепција во кој заземаат учество деца интерпретатори од Р.Македонија и специјални гости.
- Фестивалот познат како празник на музиката „Солстис“ претставува стара франкофонска традиција које е типична за франкофонските медитерански земји. Градот Битола долги години има тесна соработка со Р. Франција на културен план. На тој ден во Франција граѓаните и туристите излегуваат на улиците и плоштадите каде преку песна, музика и забава го најавуваат доаѓањето на летото. Во Битола, фестивалот традиционално се организира на најамбиенталната улица Широк Сокак и на десетина импровизирани сцени настапуваат различни музички групи, хорови, домашни и странски уметници со различен жарн на музика, како класика, етно, рок, поп и друга музика. Фестивалот се одржува во месец јуни.
- Битолско културно лето „Бит Фест“ Бит фест ја издвои Битола како град со најсериозна културна понуда во Р.Македонија во летниот период. Бит Фест е музичко-сценска манифестација во чија програма се застапени сите културни жанрови: театар, балет, опера, класична музика, ликовни изложби, разни перформанси, фолклор, рок, поп, етно и џез концерти, литература, филм, разни работилници и др. Богатата културна понуда ја надополнува туристичката понуда на Општина Битола, што резултира со зголемен број на домашни и странски посетители. Од 2005 год е во целосна организација и финансиска поддршка на Општина Битола. Фестивалот се одржува во летните месеци јуни, јули и август.
http://www.bitfest.mk - Локум фест е фестивал на музиката и традицијата, кој се одржува во Битола од 2007 год во срцето на старата битолска чаршија. Силната порака и мисија на фестивалот е заживување на старата чаршија, културното наследство и традицијата преку модерната чалгија и македонските ракотворби презентирани во духот на традицијата. Локум фест се одржува во месец јули.
http://lokumfest.mk - Интернационален Фестивал на народни песни и игри „Илинденски денови“ –Желбата да се зачува, а истовремено да се популаризира изворниот фолклор, ја наметнува потребата од организирање и одржување на традиционални фестивали. Се одржува секоја година спроти националниот празник на македонскиот народ 2-ри август- Денот на Илинденското востание. Фестивалот секогаш се одржува од 29 јули до 1 август. На него достојно се афирмираат народните песни и игри, не само на македонскиот народ и народности кои живеат во Македонија, туку и на народите од светот. Како меѓународна фолклорна манифестација предизвикува голем инерес и во другите земји, чии фолклорни друштва и групи досега имаат земено учество на него.
- Традиционална средба на децата бегалци од егејскиот дел на Македонија – се прославува на 2-ри август на ден Илинден во чест на децата бегалци од егејскиот дел на Македонија (северна Грција). Средбата ја претставува обединетоста на децата бегалци од егејскиот дел во селото Трново во дворот на црквата Успение на пресвета Богородица каде се слави со традиционали ора и песни и македонска храна.
- Младински Арт фестивал – „Битола отворен град“ – Целта на фестивалот е да придонесе во афирмацијата на Битола како град со позитивни вредности, креативна енергија и нејзина промоција како центар на прогресивната младина на Балканот. Фестивалот трае четири дена и се одржува кон крајот на месец Јуни. Програмата вклучува улични концерти, работилници, изложби, перформанси, видео проекции, јавни дискусии и голем музички хепенинг.
- Фестивалот „Битола отворен град“ создава простор за промоција на граѓанскиот активизам, демократските вредности и интеркултурната соработка, служи како важна платформа за многумина уметници, млади луѓе и учесници од граѓански организации да ги искажат своите ставови за општествено релевантни теми преку културни активности.
http://mkcbt.org.mk - Интернационален Фестивал на класична музика „Интерфест“- е основан во 1992 година од битолската пијанискта Милица Шперовиќ Рибарски и Кирил Рибарски. Во програмата на фестивалот опфатени се концерти од класична музика, музичко-сценски приредби, ликовни изложби, сценски и драмскии претстави како и поетски вечери каде чест да учествуваат имаат еминентни македонскии странски уметници. Фестивалот се одржува од 2 до 12 октомври.
http://www.interfest.com.mk - Фестивал на современа уметност – „АTTUTIDE“ е фестивал кој обединува уметници од целиот свет со акцент на современата уметност како што се видео-арт изведувачите. Овој фестивал се одржува во месец октомври.
- Интернационален фестивал „КАМЕРА 300“ – е фестивал на аматерски-непрофесионален краткометражен филм. Интернационалниот фестивал „Камера 300“ се одржува секоја година во месец ноември.
- Фестивал на монодрама – се слави сценската уметност преку најобврзувачкиот актерски предизвик- монодрамата.
- Фестивалот го има своето заслужено место на театарската мапа, не само во Битола и Македонија, туку и пошироко, како еден од најстарите фестивали во регионот. Се одржува во месец мај
- Фестивал на музика од светот – Интернационален музички фестивал кој со својот концепт, е репрезент на актуелностите во музиката од светот и случување кое токму поради звучните имиња се понагласено се наметнува како аниматор на вниманието на пошироката публика од регионот. Се одржува во месец ноември.
Публикации
Денот на Европа традиционално секоја година се чествува на 9 мај. На еден од плоштадите во Битола (на отворено) се поставуваат штандови, каде се претставуваат сите земји од Европската Унија преку традицијата, храната, музиката и симболите.
https://europa.eu/european-union/about-eu/symbols/europe-day_en
Светскиот ден на музеите – е познат како Меѓународниот ден на музеите кој традиционално се прославува од 1977 година во месец мај. Овој ден е востановен од Меѓународниот совет на музеи (ИКОМ) , а прифатен е од 90 земји. Насекаде во светот влезот на музеите на овој ден е бесплатен.
Мал битолски Монмартр е традиционална меѓународна детска ликовна колонија од 1982 година, во организација на Детското ликовно студио „Св. Кирил и Методиј“ од Битола. Колонијата се одржува во Битола секоја година од 23 до 30 мај. На оваа манифестација учествуваат ликовни таленти од Европа и светот на возраст од 5 до 14 години. Учеството е по пат на конкурс (на слободна тема и ликовни техники), што се распишува на почетокот на септември, а трае до 20 февруари. Сите пристигнати творби на конкурсот ги разгледува и оценува меѓународно стручно жири, кое доделува повеќе вредни награди. Како придружна манифестација на Колонијата, секоја година во Битола се организира и меѓународна изложба, на која се поместуваат околу 1.500 најдобри творби на учесниците на конкурсот.
8 – ми септември Денот на независноста на Република Македонија – денот на независноста на Република Македонија се слави од 1991 година кога на тој ден македонскиот народ излезе на Референдум и на најдемократски начин ја изгласа својата независнот со мнозинство позитивни гласови, за самостојна и независна Република Македонија. Независноста на Република Македонија се прославува во целата држава со пригодна културно-уметничка програма.
Интернационален Фестивал на Филмска Камера „Браќа Манаки“ – Десет години по првата проекција во Гранд – кафе во Париз, браќата Јанаќи и Милтон Манаки со нивната сега веќе легендарна Камера 300, купена во Лондон од компанијата „Урбан“ од моделот „Биоскоп“ под сериски број 300, во 1905 година ги снимиле првите подвижни слики кои биле направени на Балканот.
Несомнено дека врз нивните подвижни слики, нивните уметнички творби, се надоврзаа основите на Македонската кинематографија, но браќата Манаки го трасираа и патот на балканската филмска историја.
Фестивалот се роди во 1979 година благодарение на група филмски ентузијасти, основан во чест на делото на браќата Манаки. Фестивалот денес има интернационален карактер, најстар во светот од ваков жарн, кој ја вреднува естетиката на филмската камера во обликувањето на кинематографското дело.
Република македонија и Битола денес се дел од големото филмско семејство на Европа, место на кое се одржува вистинска презентација на актуелното светско филмско творештво.
Фестивалот се одржува секоја година во месец септември.
4 – ти Ноември – Денот на ослободувањето на Битола. Голем број културни манифестации го одбележуваат празнувањето на денот на Битола 4 – ти Ноември, со културна програма во траење од повеќе денови (спорт, литература, сценско – музички презентации, ликовни изложби, филм, свечена академија со доделување на 4-то ноемвриска награда).
Организиран дочек на Нова Година – е традиционална манифестација богата со музичка и детска театарска содржина. Програмата започнува со детска театарска програма во претпладневните часови на плоштадите во Битола, а дочекот на Новата Година се прославува со богата музичка програма во која настапуваат домашни и странски естрадни уметници.
КАЛЕНДАР НА КУЛТУРНИ МАНИФЕСТАЦИИ ВО ОПШТИНА БИТОЛА
МАНИФЕСТАЦИИ | РЕАЛИЗАЦИЈА | ПОКРОВИТЕЛ |
---|---|---|
Дочек на Нова Година | Декември | Општина Битола |
Коледе | 5-ти Јануари | Општина Битола |
Ден на планетата Земја | Април | Општина Битола |
Денот на Европската Унија | 9-ти Мај | Општина Битола |
Фестивал на монодрама | Мај | Општина Битола |
Месец на пожарникарите | Мај | Општина Битола |
Мал битолски монмартр | Мај | Општина Битола |
Велигден | Април-Мај | Општина Битола |
Битолско културно лето – Бит-фест | Јуни-Јули-Август | Општина Битола |
Ден на културата | 10-ти Јуни | Општина Битола |
Шекспир фестивал | Јули | Општина Битола |
Илинденски денови | Јули-Август | Општина Битола |
ИФФК Брака Манаки | Септември | Општина Битола |
Камера 300 | Октомври-Ноември | Општина Битола |
Интерфест | Октомври | Општина Битола |
Графичко триенале | Октомври | Општина Битола |
4-ти Ноември | Ноември | Општина Битола |
Св. Нектариј Битолски | Декември | Општина Битола |
Поддршка на млади таленти и самостојни уметници | Во текот на цела година | Општина Битола |
Регионална соработка | Во текот на цела година | Општина Битола |
Меѓународна соработка | Во текот на цела година | Општина Битола |
Саеми (ЗЕЛС, ЕХПО и др) | Во текот на цела година | Општина Битола |
Нови манифестации | Во текот на цела година | Општина Битола |
Програма за одбележување на позначајни историски и културни настани
Културни Споменици
- Саат кулата е најпрепознатливиот споменик со кој се идентификува Битола. Според некои недоволно потврдени научни сознанија се смета дека Саат кулата е изградена во периодот на турското владеење, во 1830 година кога беше изградена и црквата Св.Димитриј. Се раскажува дека за време на градбата, во материјалот за врзување на камените блокови биле употребени 60.000 јајца, собрани од селските домаќинства од Битолско. Со тоа градителите сметале дека ѕидовите ќе бидат многу поцврсти. Изминативе неколку векови во целина ја оправдаа оваа нивна градителска мајсторија, што е уште еден доказ за архитектонската уметност дека убавото е и во вечното.
Инаку Саат кулата е висока 33 метри, поставена на квадратна основа, со страници од по 5,8 м. Нaјгорниот дел е една мала купола која лежи на квадратно плато, заштитено со железна ограда, од каде се гледа прекрасна панорама, не само на градот туку и на пошироката околина. Градскиот часовник со својата висина, доминација во просторот и саатниот механизам, кој кога ги отчукува часовите емитува и популарна музика, го свртува вниманието и постојано работи за граѓаните, гледачите и слушателите кои имаат потреба некој да им го мери времето. Денес забрзаната динамика во која живее модерниот човек не може без оваа потреба, за што битолчани навремено и точно ги известува стариот и добар Градски саат. - Безистен – од повеќето битолски споменици на културата, Безистенот е еден од највредните и најсочуваните стари градби, со препознатливи архитектонско-естетски и други вредности. Порано Безистенот бил покриен ориенталски пазар, наменет главно за продажба и чување на скапоцена стока, текстил, пари и др. вредности. Немало патописец кој поминал низ Битола, а да не го спомне како бележита градба, а најчесто како место каде можело да се купи скапа срма, лен, памук, свила, злато. Импонирал со својата масивност, чии куполи од олово, можеле да се забележат од далеку. Имало вкупно 86 дуќани. Што се однесува до надворешноста на објектот, тој претставува базиликално решена лонгитудинална градба, со неправилна правоаголна форма.
Безистенот не ќе бил она што бил, и она што е, ако не се има во предвид целокупниот архитектонски ансамбл што постоел околу него: нагоре и надолу, по Драгор имало стотина наредени ситни дуќанчиња, од кои секое претставувало еден посебен свет на трговската фантазија, правејќи го овој дел на Битола неповторлива урбана и архитектонска целина, која дишела со медитерански здив, во овој сончев предел на повеќе цивилизации. - Црквата “Св. Димитрија“ – новата црква “Св. Димитрија“е изградена во најстрогиот центар на градот во 1830 год. речиси под драматични околности. Самиот габарит на објектот за тоа најдобро зборува, како и релативно сиромашниот екстериер и архитектура, во однос на богатиот ентериер. За префинетата битолска градителска традиција и познатиот вкус за естетското на овдешните граѓани, очигледно една голема замисла на најдобрите мајстори не се остварила, барем не онаква каква што тие знаеле, умееле и граделе велелепни објекти по балканските престолнини. Затоа многубројните битолски занаетчии, не само христијани, туку и од друга вероисповед помагале црквата само за четири месеци да биде подигната. Причина за негаторскиот однос за нејзината градба биле локалните власти, кои не сакале да се изгради на овој простор голем христијански храм, повисок и побележит од околните нехристијански сакрални објекти. Оттаму се изнашол овој компромис за сметка на надворешноста да се направи импресивна внатрешност, високи сводови, бројни канделабри, чудесни полилеи и монументален раскошен олтар којшто подоцна бил изработен од прочуените македонски копаничари. Таквата определба му овозможила на овој познат наш храм необичен таинствен мир и атмосфера на возвишеност, што го прави и до денес свртилиште на бројните верници.
Црквата е градена во форма на трибродна базилика, со странични галерии. Секој брод претставува засебен параклис. Има уште една причина внатрешноста на храмот да биде вистинско уметничко сокровиште што е доминација на прочуеното македонско резбарство, посебно од XVIII и XIX век. Посебно воодушевува иконостасот со своите монументални димензии. Забележливи се знаци на европскиот барок и рококо стилот.
Како составен дел на оваа бележита градба на битолското архитектонско културно наследство е и новата камбанарија, изградена во 1936 год. Во 1999/2000 година во внатрешноста на црквата “Св.Димитрија“, се наиде на негибнат средновековен културен слој кој по старост на наодите се датира од X век. Тоа беше непобитен доказ дека еден дел од средновековна Битола е точно под темелите на денешна Битола. - Црква “Пресвета Богородица“. Таа е уште еден од познатите битолски црковни храмови, изградена во 1870, а осветена во 1876 год. Црквата претставува трибродна базилика во поскромна форма. Во архитектонска смисла храмот нема некои особени посебности, бидејќи на него можат да се забележат повеќе стилови, карактеристична одлика на тогашниот еклектика, појава видена кај вакви објекти од минатиот век: траги од неокласицизам, барок, романтизам и сл. Овој храм е познат со својот иконостас и резба што можат да се видат на олтарот. Се смета дека го работеле мијачките мајстори. Во храмот можат да се видат повеќе убави икони од XIX и XX век на различни дарители. Најмногу дарувале битолските еснафи.
Треба да се напомене дека во оваа црква на задниот дел од северниот брод е гробницата на митрополитот Григориј, во чие време е изградена Митрополијата, во 1901 г. во француски
барокен стил), а блиску неа, кон северната страна, е погребан првиот Митрополит Преспанско-битолски г.Климент (Бабаче), кој умре во 1979 година. - Црква “Св. Недела“. Се наоѓа на левата страна од северниот влез на Битола. Изградена е во 1863 год. Претставува трибродна базилика. Има иконостас којшто е изработен од дрво. Иконите се од поново време, од XX век. Како и кај другите цркви битолските еснафи најмногу помагале и за нивното внатрешно уредување. Куполата на црквата е насликана во 1864 год. по порачка на еснафот на битолските ќурчии.
Во Битола има и други цркви, главно градени во поново време, коишто покрај основната намена за верски потреби, со своите градителски решенија, фреско-живописот, иконописот и копаничарската уметност, го збогатуваат културното наследство на градот. - Исхак џамија. Во Битола има сакрални споменици на културата кои и припаѓаат и на исламската култура и уметност. Долгото петвековно владеење на Турската империја имало влијание и на културниот живот на градот. Исхак џамијата по својата монументалност и убавина е една од најпознатите споменици од исламската култура во Битола. Изградена е во 1506 год. како задужбина на кадијата Исхак Челеби, кој пред да дојде во Битола, кадиската функција ја вршел во Солун. По својата архитектонска препознатливост, надворешниот и внатрешниот изглед, хармоничноста на линиите, претставува усовршен брусански тип на џамија. Се смета дека оваа џамија припаѓа на класичниот османлиски стил на турското градителско наследство.
Внатрешноста е богата со разнобојна орнаментика. На поголемите површини по ѕидовите се изведени медалјони во кои се испишани текстови со верски пораки од Коранот. Се знае дека и самиот Исхак Челеби е погребан до самата џамија. - Јени џамија (Нова џамија). Се наоѓа во централниот дел на градот, од десната страна на р. Драгор, наспроти Градскиот часовник. Изградена е во 1558/59 од Кади Махмуд- ефендија. Убавата декорација на ентериерот, како и употребата на фајанс околу главниот портал, претставува обид да се постигне највисок архитектонски уметнички дострел- привилегија каква имале само богатите и познати културни градови на Ориентот. Инаку фајансот потекнува од Изник- многу познат центар на т. н. “сино-бела“ керамика од XVI и XVII век. Ова зборува дека Битола за тоа време се сметала за многу развиена културна средина во која се што било модерно и скапо требало да биде присутно и во овој познат градски центар во средиштето на Балканот.
Денес во Јени џамија која одамна не служи за верски обреди, се наоѓа уметничката галерија на градот Битола. Во Галеријата, годишно, се одржуваат 20-30 ликовни изложби од најразличен вид: самостојни, групни, тематски, ретроспективни, студиски и сл. формиран е и посебен фонд на сопствени уметнички дела, добиени преку откуп, донаторство и слично, чиј број изнесува околу 800 експонати; речиси половина од нив ја сочинуваат графичката збирка, која е единствена во нашата земја. - Низ долговековното османлиско владеење со овие простори, во Битола останале и други сакрални објекти во ориенталското градителство. Дел од нив сведочат и за една посебна култура во која можат да се забележат меѓусебни дополнувања помеѓу Истокот и Западот.
- Зандан-Куле. Овој споменик и денес му пркоси на времето како потсетување на некогашните бурни настани што се одиграле во овие краишта. Градено е во XVII век. Има многу интересна градба, особено нејзината внатрешност. Служела за приватни цели, за заштита од напади или од крвна одмазда. Според пишаните извори може да се види дека нејзин сопственик бил муфтијата од Битола од 1628/29 година Хаџи Махмуд- ефендија. Тој овој објект го изградил во дворот на неговиот чифлик. Во неа се влегувало само со помош на подвижни скали. Приземјето се користело за женските членови на семејството. Имало и сутерен за намирници како и бунар за вода. Најубав бил катот кој служел за живеење. Под покривот има тесни окна пушкарници за одбрана од напаѓачи. Тука биле затворани востаници и затоа народот овој објект и денес го вика “Зандан- куле“.
- Широк Сокак. “Ако сте биле во Битола, а не се прошетале низ Широк Сокак, како ништо да не сте виделе.“ За восхитот од оваа улица најпофални зборови изрекле уметниците, посебно поетите и композиторите, како и многубројните пејачи. Потребата најголемиот дел од градскиот јавен живот да се случува во центарот на градот, кој секогаш имал интензивен културно-забавен живот, барала во овој уличен простор да се изградат бројни репрезентативни згради.
Битолските и пошироко македонските градители, со многу љубов и инвенција, успеале да направат спој меѓу разните европски стилови и домашната неисцрпна традиција. На таков начин се постигнати извонредно хармонични односи, складност на линиите, благородна едноставност, функционалност, изострено чувство за елеганција и вкус. На овој Сокак битолчани често пречекувале и испраќале разни луѓе: кралеви и цареви, султани и везири, владици и мисионери, циркузанти и безделници, и при тоа секогаш се чувствувал гордо што е негов овој крстопат меѓу Истокот и Западот.
Токму таквите одлики и историски премрежја што го следеле овој неповторлив градителски подвиг, го направиле Широк Сокак заедничко место на светот и човекот , носејќи му епитет како еден од најбележитите споменици на културата во градот. - Старата Чаршија. Низ својата долга историја Битола била позната и како значаен трговски центар на овој дел од Балканот. За битолските трговци се знаело подалеку, како на Исток, така и на Запад.
Чаршијата како еден од најзначајните витални делови на градот, со се она што значело економски живот на овдешниот граѓанин, играла многу значајна улога во неговиот просперитет низ вековите. Таа била не само составен дел на секојдневното живеење на не само овдешните жители, туку и преку неа опстојувал еден многу поширок регион, и поголема структура на луѓе: трговци, занаетчии, земјоделци, анџии, пренесувачи на стока и др. Старата Чаршија е еден од најзначајните белези на Битола и како културно- историски споменик. Таа ја следела својата судбина. Не била само место за трговија, туку овде се чувствувал здивот на времето, политиката и културата.
Во оваа чаршија која во XVII век имало над 900 дуќани, за половината на XIX век да пораснат на неколку илјади, се тргувало со се и сешто, се разбира на “чесен збор“ и доверба. Или, како се прикажувало по балканските анови дека тука, во битолската чаршија “нема што нема“. Во врска со чаршискиот живот и воопшто “чаршиската клиентела“, сите тие луѓе имале свои навики и барања, ситни човечки слабости и желби, да се доживее, купи или понесе нешто од најградскиот град од овој дел од Империјата.
Што се однесува за Чаршијата како урбан и архитектонски комплекс, со својата автохтоност и оригинални решенија, со сите неодминливи надворешни влијанија и спецификите на ориенталниот урбанизам и градителство, таа останува неповторлив пример на битолското културно наследство. Во својот речиси петвековен развој, во најголемиот свој процут (особено во текот на XIX век), имала над 2.000 дуќани и 30 функционално поделени делови, определени според стоката што се продавала. Во времето на Првата Светска Војна на Битолската чаршија и е зададен најтешкиот удар којшто никогаш повеќе не ја поврати некогашната слава и економска моќ. - Хераклеа Линкестис – Античкиот град Хераклеа Линкестис крај Битола, е културна ризница на Балканот. Некогаш градот со истоименото име се наоѓал на падините на Баба крај Сива вода. Се претпоставува дека градот го основал древномакедонскиот владетел Филип II во 349 год. п.н.е. Не е исклучена можноста дека на тоа место некогаш постоела илирска населба зашто според името таа можела да биде формирана само од древно – македонските владетели.
Со името Хераклеа се поврзува племето Линкести и нивната земја Линкестида, што го опфаќала просторот од Јужна Македонија. Се смета дека Линкестите дошле на тоа подрачје од југ, покорувајќи го домородното население Пелагонци. Градот ги имал сите материјални услови: пасишта, рамница за житарици, а бил опашан со ѕид, со бастиони, а на ридот постоела акропола со засебна тврдина, со бедеми сврзани за градскиот ѕид. Наспроти неа постоела некропола. Откопаната со многу мозаици голема базилика, припаѓала на периодот од доцната антика во рановизантиската епоха. Подрачјето околу Хераклеа Линкестис било значајно и по војната меѓу Филип II – ри и римјаните. Во неа градот е заземен од римјаните, кога и го доживува својот врвен процут.
Тој стана еден од главните стратешки центри на Балканот. Тогаш римјаните го изградиле прочуениот пат од Драч преку Хераклеа Линкестис и Солун до Цариград во историјата познат како Виа Игнација. Со него Хераклеа Линкестис се претворила во важен стопански центар, а се развила и како општествен и културен центар, кој дури бил посетен и од римскиот император Нерон. Кон крајот на V век градот го нападнале Готите, а подоцна од рацете на римјаните прејде во рацете на византијците. Градот е уништен од силен земјотрес.
Античкиот локалитет Хераклеја Линкестис-Битола, со решение бр. 1040 од 27.07.1950 година, прогласен е за споменик на културата од прва категорија, со исклучително и универзално значење.
Со првите собирачи на старините во Хераклеја овластени со посебна дозвола од Султанот на Турција во XIX век, изразени преку дипломатските претставници во Битола, која во тој период претставува центар на Европска Турција, со право да вршат ископувања, а откриениот материјал да го откупат или едноставно однесат во својата земја, се и првите евидентирани податоци за истражувања во Хераклеја. Ваквите истражувања се повторуваат и во 40 години од XX век, кога се вршат сондажни истражувања на хераклејската акропола, под раководството на Антун Жегура, професор по латински јазик во битолската Гимназија и професорот Михајло Петрушевски. Од овој период се до 1975 година истражувањата во Хераклеја се вршат со екипи на Музејот на кнез Павле од Белград, а покасно со екипи од Југословенскиот институт за заштита на спомениците на културата Белград во соработка со веќе формираниот Одбор за Хераклеја Битола.
Од 1975 година, со натамошните систематски истражувања работи и раководи самостојна стручна екипа од Заводот за заштита на спомениците на културата Битола. Античкиот локалитет Хераклеја, зафаќа површина од околу 4 хектари, од кои 1300 м2 мозаични површини. Истражени се и презентирани следните градби :
• портик на судница од римско време (II в.н.е.)
• терма од римско време (II в.н.е.)
• театар римско време (II в.н.е.)
• епископска резиденција од ранохристијанското време (IV до VI век)
• мала базилика од ранохристијанското време (IV до VI век)
• голема базилика од ранохристијанското време (IV до VI век)
• градска чешма од времето на Јустинијан (562)
Со грижата, негувањето, чувањето, презентирањето, систематското археолошко истражување, континуираната заштита, конзервацијата на архитектурата и ревитализацијата на Римскиот театар, оживувањето на Хераклејските вечери, богатиот пропаганден материјал, нејзината посетеност со бројки кои достигнуваат над 50000 посетители, Хераклеја се вбројува меѓу ретките музеи на отворено. Богатиот археолошки материјал од досегашните истражувања како репрезент на античкиот период од ова поднебје во најголема мера презентиран е во археолошката поставка на Битолскиот музеј како и во археолошката поставка во самиот локалитет Хераклеја.
Во простор од околу 50 м2 изложени се материјал и предмети од I век п.н.е. до VI век .н.е. Изложени се предмети од ќерамика, метал и стакло. Најзастапени се монетите, накитот, предмети за секојдневна употреба и бронзена пластика. Централно место во оваа музејска поставка зазема макетата на Римскиот театар која тродимензионално ја дава сликата на целосното истражување на театарот до неговата конзервација и ревитализација. Изработената макета претставува своевиден документ, сведоштво за љубовта и приврзаноста на археологот Др. Томе Јанакиевски кон Римскиот театар, неговите напори од почетните истражувања до конзервацијата и ревитализацијата на објектот. - Спомен соба на Мустафа Кемал Ататурк – Првите музејски презентирања во Битолскиот музеј на познатиот државник, таткото на современа Турција, Мустафа Кемал Ататурк, датираат од 1978 година, кога е отворена првата изложба на фотографии, документи и факсмили, кои го прикажуваа животот и дејноста на големиот реформатор на Турција, кој во 1899 година завршил средно воено училиште (Мектеби аскери идади) сместено во денешната зграда на Битолскиот музеј, Старата битолска касарна.
Во 1994 година, на простор од 40 м2, со постоечките материјали обогатени со одредени предметикопии сместени во две прикладни витрини и спомен биста за Кемал Ататурк, за прв пат е поставена музејската поставка.
Во 1998 година, со договорениот инвестициски зафат меѓу владите на Република Македонија и Република Турција, се адаптира простор од околу 120 м2, во кој Битолскиот музеј со свој кадар и соодветен кадар од Република Турција ја поставија денешната музејска поставка во која е претставен Кемал Ататурк. Оваа поставка свечено ја отворија на 3 октомври 1998 година тогашните престедатели на Република Македонија, Киро Глигоров и на Република Турција, Сулејман Демирел. - Ентериер на градска соба – На простор од 30 м2 во дел од јужното крило од објектот, како издвоен адаптиран простор, презентиран е дел од материјалот за уметничкото и ѕидно декорирање во ентериерите на битолските куќи од почетокот на XX век. Покрај основната цел да го прикажеме амбиентот на декорот во битолските куќи, направена е реконструкција на ентериерот на градска соба, колоритот на бордурата, розетата, аголните декоративни елементи и картушите. Всушност, оваа поставка го прикажува амбиентот на битолската градска куќа од периодот на националната преродба, во сите сфери од растежот и живеењето на младата македонска буржоазија и интелегенција чии врски со западно европските и балканските земји донесоа нов сензибилитет и естетика во начинот на живеење, градење, облекување, декорирање и размислување.
- Спомен музеј на Гоце Делчев – Спомен – музејот посветен на великанот на Македонското ослободително движење се наоѓа на ул. “Стевче Патако“ бр. 11 – Битола. Отворањето на овој музеј е иницирано по повод престојот на Гоце Делчев во Битола во 1901 год. во овој објект. Главната негова цел при овој престој му беше да се сретне со неговиот сакан другар и соработник Даме Груев, основоположникот на ТМОРО, кој во овој период се наоѓаше во Битолскиот централен затвор. Поставката содржи две изложбени простории со вкупна површина од околу 37 м2 , од кои во првата просторија е сместена содржина “За животот и револуционерната дејност, на првоапостолот на македонското ослободително дело”. Во оваа просторија како континуитет на Гоцевата револуционерна дејност со бројни документи и фотографии прикажана е состојбата и настаните во Битолскиот револуционерен округ. Од бројните поместени експонати во оваа поставка значајно место зазема револверот подарен од Гоце Делчев на Михаил Ракиџиев, сопственик на куќата и член на Окружниот комитет на Битолскиот револуционерен округ.
Во оваа поставка изложен е и оригинален експонат од 1905 година, (вез од ситни мониста во разни бои со претстава на еленче што пие вода), кое е посветено и подарено на Михаил Ракиџиев од затворениците кои за иста цел се наоѓаа со него во Битолскиот централен затвор.
Во составот на поставката, во соодветна просторија, поставена е витрина со симболите на револуционерната заклетва на Организацијата како и оружје од Илинденскиот период.
Како составен дел на оваа музејска поставка, во собата во која престојувал Гоце Делчев и во која се одржувале состаноците, задржан е ентериерот со амбиентот во оригинална состојба. Исто така во оваа соба, за да се наслика автентичноста на времето, поместени се материјали од тие години. Во 1987/88, по извршената темелна реконструкција на објектот и изработениот елаборат, по повод 85 годишнината од загинувањето на Гоце Делчев, на 4 мај 1988 година свечено беше промовирана постојаната музејска поставка. - Меморијален музеј Смилево – По повод 100 годишнината од Илинденското востание, со Одлука на Министерството за култура на Република Македонија, во 2003/4 година, изграден е Меморијален музеј во с. Смилево.
На Музејот од Битола му беше доверена задача да изготви елаборат за постојаната музејска поставка од меморијален карактер. На простор од 130 м2, е реализирана музејска поставка која ги содржи следните тематски целини:
- Меморијална соба за Смилевскиот конгрес 1903 година
- Смилево во Илинденското востание
- Спомен соба за животот и револуционерната дејност на Даме Груев
- Спомен соба за Партизанскиот одред “Даме Груев”
- Етнолошка соба за Смилево
- Во Конгресната сала, преку уводен текст посетителот се запознава со содржината и значењето на Смилево, со над 35 фотографии од кои 27 од учесниците на Конгресот, а останатите се од чети.
Со 20-на документи претставени се протоколите од заседанијата на Конгресот, фрагменти од Дисциплинскиот востанички устав, портрети од членовите на Главниот штаб, копија од знамето на II (Битолски) револуционерен округ. Во една витрина изложени се два раритетни оригинални предмети: револверот на Смилевскиот војвода Веле Илиев Пенчо и бомба изработена во една од леарниците што постоеле во тоа време во с. Смилево. Овој простор е уреден како конгресна соба.
Како посебна целина во овој простор прикажано е Смилево во портрети на неколку смилевски војводи, како и фотодокументи за контраофанзивата и последиците од тоа во селото. Поместени се и две витрини во кои е изложен материјал, оружје од Илинденскиот период.
Спомен собата за Даме Груев содржи преку 30-на фотографии, 14 документи од кои некои се изложуваат за прв пат, како што е записникот од судењето на Даме Груев, писма од архивата на Даме и др. Во овој простор поместена е витрина со фонд на книги кои се однесуваат на историјатот на Смилево и за животот и делото на Даме Груев.
Спомен собата посветена на Битолскопреспанскиот одред “Даме Груев”, е со акцент на неговата прва воена акција изведена на 2 август 1942 година, во селото Смилево. Целта на оваа акција беше спречување на бугарскиот окупатор да одржи митинг во с.Смилево. Во овој простор од 20-на м2 поместени се 50 фотографии и документи преку кои се следи равојот на револуционерната дејност во с. Смилево во периодот меѓу двете светски војни, при што се претставени револуционери од самото село и тој крај, економската моќна селото, со завршница за развојот и воената дејност на Партизанскиот одред “Даме Груев”. Во 3 витрини изложено е партизанско оружје и воени материјали.
Во етнолошката соба презентиран е материјал од материјалната култура во Смилево, истакнат преку народната носија и тоа: невестинска, носија за постара жена и машка носија. Народната носија по своите карактеристики припаѓа на мијачкодебарската носија и се вбројува во најкарактеристичните народни носии. Како друг сегмент во презентирањето, претставена е функционалноста на куќата преку вградена мусандра, огниште, софра, ковчег, кои биле во функција. Презентираните предмети потекнуваат од Смилево.
Спомен куќа на Стив Наумов – Родната куќа на народниот херој Стеван Наумов Стив се наоѓа на ул. “Пецо Божиновски” бр.11 Битола. Во првите активности на Народниот музеј Битола, поточно на 4 јули 1961 година, а по повод Денот на борецот, отворена е за прв пат постојаната музејска поставка, откако објектот е реконструиран и адаптиран за ваква намена.
Во 1977 година објектот е повторно реконструиран и адаптиран со тоа што беа овозможени услови за нова презентација на ликот животот и делото на Стеван Наумов Стив, кој во периодот на Народноослободителната и антифашистичка војна на македонскиот народ како секретар на КПЈ-КПМ за Битола со својата револуционерна дејност уште во тој период прерасна во легендарна личност. Самата поставка е поставена на простор од околу 150м2 во приземје и спрат. Истата, во 2002 година, по трет пат е обновена со содржина од нови експонати.
Во приземниот дел во најголема мера прикажана е покуќнината и предметите за секојдневна употреба на семејството Наумови. На горниот кат од објектот кој завзема простор од околу 80 м2 во 4 посебни целини, презентирани се документи и предмети што го следат животот и делото на херојот од неговото најрано детство (фотографии, документи, предмети тесно поврзани со животот на неговото пошироко семејство), за во втората целина-простор да биде прикажана неговата револуционерна активност, неговото загинување на 12 септември 1942 година заедно со неговиот соборец и другар народниот херој Мите Богоевски. Историскиот дел завршува со приказ на победата над фашизмот и сé она што за херојот, за неговото име и во негова чест, е напишано и изградено како спомен.
Во третата целина во простор од 18 м2 уредена е гостинска, приемна соба за свечености-визити, со оригинални и откупени предмети од тој период што даваат приказ на средно имотлива фамилија од тој период, со еден фонд на урамени фамилијарни фотографии.
Завршница на целокупната поставка е преуредениот затворен ходник во кој се поместени три уметнички ликовни дела со димензии од над 3х4м од ликовниот уметник и учесник во НОАВМ, Тоде Ивановски. Во нив авторот го прикажува револуционерниот пат на Стив, и тоа формирањето на Првиот партизански одред “Пелистер”, убиството на злогласниот полициски начелник Ќурчиев, и средбата на Стив и Мите пред загинувањето. Во истиот ходник поставена е и макета која тродимензионално и со одредени светлосни ефекти го прикажува нападот на Партизанскиот одред “Даме Груев” на полициската станица-участок во с. Кажани под раководство на Стеван Наумов-Стив. На посебно пано се прикажани и народните херои од Битола и Битолско. - Музејска поставка за Еврејски етнос – Музејската поставка за еврејскиот етнос во Битола поставена е во една од просториите во порталот на Еврејските гробишта во Битола. Со свеченото отворање Музејот од Битола даде придонес кон одбележувањето на 500 годишнината од прогонувањето на Евреите во XV век од Шпанија и Португалија и нивното доселување на Балканот и во Битола.
Самата поставка својата содржина ја темели низ фотодокументи, копии и друг пишуван материјал што го прикажува еврејскиот етнос кој 500 години живее заеднички со македонското население. Во најголем број фото материјалот изложен во оваа поставка потекнува од крајот на XIX и почетокот на XX век. Презентирани се повеќе фамилијарни фотографии од видни еврејски семејства, фолклорни, спортски друштва, поединци рабини, занаетчии. Во рамките на поставката се презентираните материјали за нивното учество во НОАВМ и геноцидот спроведен врз нив на 11 март 1943 година од страна на фашистичките окупаторски воени сили и нивната идеологија.
Институции
Институции
НАРОДЕН ТЕАТАР БИТОЛА
ГРАНДИОЗНИТЕ ТЕАТРИ ЈА ПИШУВААТ НАШАТА ИСТОРИЈА …….
Првата театарска зграда е изградена по наредба на битолскиот валија Абудл Керим – паша
Нејзината изградба трае долго, од 1897 година, кога се поставени темелите се до 1906, односно 1908/1909 година, кога најпосле е завршена и сцената. Зградата е користена за сите видови приредби, од естрадни и циркуски до театарски. Првиот професионален театарски ансамбл во неа работи од 1910 до 1912 година, кога пожарот целосно ја уништува.
Од крајот на 1913 до 1915 година во Битола функционира Градски театар, професионална трупа составена од некогашните патувачки актери, кои претставите ги играат на српски јазик.
До почетокот на Втората светска војна во Битола се активни уште неколку театарски трупи, коишто претставите ги изведуваат на српски јазик, додека скопскиот Народен театар „Краљ Александар Први“ постојано и задолжително гостува со речиси сиот свој репертоар. Оттука, театарскиот живот во Битола се одвива исклучително интензивно.
За време на Втората светска војна во Битола перманентно работи бугарскиот театар (најпрвин како полупрофесионален, а од 1943 година како професионален). Истовремено, во градот функционираат и повеќе аматерски и полупрофесионални дружини, организирани по училиштата.
Битолскиот народен театар е основан на 14 ноември 1944 година, со изведбата на претставата „Ѓоре Магарески“ , прва театарска претстава изведена на македонски јазик. Првите членови и основачи на Битолскиот театар се : Јорго Цаца, Вера Вучкова, Димче Стефановски, Ацо Стефановски, Мери Бошкова, Симо Георгиевски,Славче Матевски, Георги Карев и Јован Бејко.
Од 1980 година театарот работи во нов, исклучително функционален објект, кој на ансамблот му овозможува најдобри технолошки услови за работа. Театарската ложа располага со 418 седишта, современа сцена и сценска техника, работилници, гримиорни и помошни простории.
Народниот театар – Битола , во својата долгогодишна успешна работа добитник е на голем број награди и признанија како: „11 Октомври“, „Климент Охридски“, „4 Ноември“, Стерини награди, Златни ловорови венци, „Војдан Чернодрински“ и др.
Учесник е на многу театарски фестивали и манифестации во земјава и надвор од неа како: „Стерино позорје – Нови сад“, „МЕС – Сараево“, „Театарски игри Војдан Чернодрински – Прилеп“, „Охридско лето“, „МОТ – Скопје“, „Екран театар-фест“, „Дубровнички летни игри“, „ЕУРОКАЗ – Загреб“, „Саем на театарот – Љубљана“, „Алтернативе театар – Подгорица“, „Град – театар – Будва“, „Фестивал на детето – Шибеник“ и др.
Гостувал во многу градови во земјава и странство како во: Москва, Ташкент, Кишињев, Вроцлав, Софија, Плевен, Благоевград, Корча, Лондон, Израел, Санкт Петербург, Торонто итн.
Битолскиот народен театар ја раситнува осмата денеција со активна театарска креативност.
НУ „ЦЕНТАР ЗА КУЛТУРА“ БИТОЛА
Културата и уметноста се знак на распознавање на секое општество, и затоа претставува моќен производ за презентирање на културните вредности.
НУ „Центар за Култура“ – Битола, е основан во 1980 год со тенденција и програма за развој и промоција на културно-уметничката, филмската и драмската уметност.
Самото создавање вистински услови за слободно уметничко творештво, со поттикнување на културните процеси како и почитување на културните традиции се основа за културен развој и презентирање на вредностите на заедницата.
Битола, своите почетоци на развој на културната цивилизација ги влечи многу оддамнина, почнувајќи од средината на IV век пред н.е. Театарот на античкиот локалитет Хераклеја, е вечен историски доказ каде се играле пресудни улоги во издигањето и создавањето на културните процеси на почитување на културните традиции за културен развој и презентирање на вредностите на заедниците.
Битола како лулка на цивилизацијата и град со инзвонредно културно-уметничко наследство и најмоќен духовен центар на многу народи, претставува богато поле на повеќеслојни цивилизации кои оставиле траги од културите што поминале и напишале вредности.
Центарот за култура, како јавна установа, која постои повеќе од триесетина години, создава услови за континуиран непречен развој и поддршка на граѓанските културни иницијативи, во интерес на потребите на заедницата и локалната самоуправа, осознавајчи го своето духовно и културно богатство.
Покрај традиционалната постоечка форма на дејности и целни групи што се опфатени, тоа неминовно бара и создавање на услови Центарот за култура да ги отвори вратите за задоволување на културните потреби на младата генерација, како основен генератор на сите позитивни промени.
Незаобиколна форма на дејност во Центарот е и поддршката на аматеризмот и неговото интензивирање, како една од методите за развивање на севкупната сопствена креативност и инвентивност во начинот на презентирање на културните вредности,традиции и обичаии..
Центарот за култура е потполно отворен за меѓународна културна соработка со културни орагнизации кои би подготвувале заеднички проекти за работа на прекугранична соработка со цел спроведување на културните и уметничките активности во делот на вмержување, размена на идеи, информации и мобилност.
НУУБ Св. КЛИМЕНТ ОХРИДСКИ – БИТОЛА
Со решение на Градскиот народен одбор на ден 25.03.1945 год, во срцето на старото градско јадро во градот на конзулите е основана најстарата библиотека во Република Македонија, НУУБ Св. „Климент Охридски“ – Битола.
Нејзините почетоци со книжен фонд биле сиромашни и туѓи. Првите 300 книги кои биле затекнати, биле книги на бугарски јазик, а останатиот дел биле подарени книги од организации, установи и приватни лица. Административниот персонал се состоел од два службеника и еден прислужник. Банкарските службеници и службениците од фабриката за кожа во библиотеката работеле како благајници или помошни книжари.
Во своето седумдесетгодишно постоење Библиотеката променила повеќе простории и локации во Битола. Била сместувана во просториите на поранешен хотел „Турист“, во зградата на ОУ Св. „Климент Охридски“, денешно ОУ „Гоце Делчев“, во просториите на поранешниот ресторан „Ројал“ на Ул. Маршал Тито бр. 89 (1954-1974). Од 1974 год библиотеката е адаптирана во хируршкото одделение на старата битолска болница, а од 1982 год, библиотеката се проширува во ново изградениот современ обликуван простор кој се наоѓа на Ул. Пеце Матичевски (Ленинова) бр.39.
НУУБ Св. „Климент Охридски“ – Битола, составена е од стар дел изграден на КП бр.7769/1, која зграда е одредена за споменик на култура со Решение бр. 266 од 30.03.1978 година од Завод за заштита на спомениците на културата, природните реткости и музеј Битола и влегува во состав на зона „А” од заштитеното градско јадро, како и во состав на амбиенталната целина на улица Пеце Матичевски (Ленинова). За новиот дел од зградата, со спогодба за давање на користење градежно земјиште бр.12-5996 од 18.11.1981 година, Општина Битола на Матичната библиотека и дава на користење земјиште што претставува дел од КП.бр.7769/1 со површина од 2105 м2 КО Битола, за доградување на библиотека. Со добивањето на целата потребна документација за градба на новиот објект и по одобрениот проект од 02.09.1983 година, се изгради новиот дел на Библиотеката кои денес заедно со стариот објект претставуваат неразделна целина.
Националната установа – Универзитетска библиотека „Св. Климент Охридски”- Битола е современа културна институција со книжен фонд од околу 600.000 книги и бројни списанија, со тенденција за перманентно зголемување.
Денес библиотеката претставува современа и модерна институција која опфаќа 3.000 квадратни метри површина, од која половина е наменета за читателите. Нејзина позитивна и афирмативна карактеристика е издавачката и библиотечната дејност. Библиотеката се стреми да стане вистинска виртуелна библиотека, да навлезе во сè повисокиот степен на задоволување на научно-истражувачките и образовните потреби на крајниот корисник, без тој да се грижи од каде и како пристигнала бараната информација, што е возможно само со натамошен развој на современото автоматизирано библиотечно работење.
Составена е од два функционално поврзани објекти кои претставуваат една целина. Новиот простор опфаќа 500 метри квадратни и претставува современ и функционален простор наменет за корисниците на услугите на Библиотеката и читателите.
Програмата на Националната установа – Универзитетска библиотека „Св Климент Охридски“ – Битола се темели на реални и остварливи параметри.
ЗАВОД ЗА ЗАШТИТА НА СПОМЕНИЦИ НА КУЛТУРАТА И МУЗЕЈ БИТОЛА
Битола е град со огромно културно наследство, речиси од сите сфери на човековото духовно битисување. Во неговиот потесен и поширок простор има мноштво споменици на културата, природни реткости, музејски и галериски експонати со високи уметнички, историски и други вредности, скоро од сите периоди на опстанокот човечки: неолитот, енеолитот, бронзеното време, железното време, антиката, средниот век, деветнаесеттиот век, па до најново време.
Најзначајната институција во градот која се грижи за заштита, чување, презентација и проучување на ова богатство е Заводот за заштита на спомениците на културата, природните реткости, Музеј и Галерија. Овој Завод е формиран од страна на тогашното Собрание на општината – Битола, во 1975 година. Подоцна, кон него се приклучуваат постојните организации: Народниот музеј, Хераклеја, Уметничката галерија и Магазата (мултимедијален простор) со тоа што е проширена неговата дејност и со заштитата и презентацијата на природните реткости од ова подрачје. На таков начин е овозможена негова целосна организациона, просторна и кадровска физиономираност.
Седиштето на Заводот е во импозантната зграда на Старата битолска касарна, изградена во 1848 година за воена гимназија. Потоа, прераснува во Воена академија – харибие, се до 1909 година. Следувала нова промена. Неколку години до Балаканските војни во зградата било сместено Средно воено училиште – идадие. За она време, низ овие школи поминале како питомци или професори повеќе познати личности на Турската империја. Еден од питомците на Академијата бил и Кемал Ататурк.
По сите историски и политички промени, што се случиле по 1913 година, дошол на ред и овој објект. Имено, оттогаш, па се до 1974 година, зградата била користена за воени цели: сместување на војска, магацински простор и слично, односно таа била една од познатите битолски касарни, со површина од над 5.000 м2. Се наоѓа на историското јадро на градот Битола, како еден од централните градски организми, со својство на културно-историски споменик којшто поседува бележити архитектонско-уметнички вредности. Како градба, објектот е единствен во нашата земја по архитектонското решение, кое претставува синтеза на западно-европското и ориенталското градителско мајсторство. Едноставниот и смирен неоренесансен стил најдобро се гледа на фасадниот дел и внатрешната функционална решеност за користење на просторот. Станува збор за едноорганска архитектура во која покрај другото има интересни градителски решенија. Тука е и пациото, кое некогаш служело за воени потреби. Заедно со другиот ентериер, истото, се повеќе се користи за голем број културни содржини.
Целиот тој специфичен печат на неговата индивидуалност и градителски белег на објектот, ја оправдува определбата, токму во него, да биде сместен Заводот, како една од водечките културни институции на Битола.
Денес во Завод и музеј успешно делуваат повеќе организациони единици. Археолошки, Етнолошки и Историски оддел. Натаму, следуваат: Оддел за историја на уметноста; Оддел за природни реткости; Конзерваторско-реставраторска работилница, како и други организациони единици што се во функција на квалитетен и модерен систем на работа. За нивно успешно делување обезбеден е и висок стандард на просторна опременост на корисна површина од околу 2.300 м2. Во надлежност на овој Завод има и други историски објекти и знаменитости: две спомен-куќи, две спомен-соби, како и голем број на заштитени со Закон поединечни, вредни, стари згради, архитектонски ансамбли, градежни, култни места, меморијални комплекси, спомен-обележја и други споменици на културата.
Со основањето на Музејот во 1934 год. формирана е и библиотека во чии рамки досега е собран библиотечен фонд од 11.300 книги и тоа: периодики, списанија, весници, легати, видео и аудио материјали, ретки ракописи и старо печатени верски книги на црковно-словенски, старогрчки, арапски, турски, латински, германски и српски јазик.
Заводот и музеј, покрај основната дејност, во секојдневната работа, организира или помага да се одржуваат, во своите простори, разни културни манифестации: концерти, изложби, театарски и филмски претстави, фестивали и други приредби и слично (Битолско културно лето, “Бит-фест“, “Интерфест” и др.), со што дава сопствен придонес во богатата културна понуда на Битола.
ЗООЛОШКА ГРАДИНА БИТОЛА
На вкупна површина од околу 2 хектари квадратни, во 1951 година на познатото битолско брдо „Тумбе – Кафе“ од страна на група ентузијасти и љубители на животинскиот и растителниот свет беа поставени темелите на втората Зоолошка Градина во Република Македонија. Со својата местоположба, уникатност, специфичност и афтентичност, Зоолошката Градина во Битола претставува импресивно забавно катче за љубителите на животините.
Во текот на своето постоење, Зоолошката Градина ја следи својата мисија да го зачува постоечкиот национален и интернационален животински и растителен биодиверзитет, преку негова презентација, одгледување и конзервација.
Наметнато од потребата за константно прилагодување на средината што се менува, Зоолошката Градина низ годините што поминале, неретко го менувала својот изглед, содржини или услуги што ги нуди. Во тој процес на промени, ЗOO Битола секогаш останала верна и доследна на својата цел, односно преку добробитта на животните кои ги чува и негува, да даде придонес кон зачувувањето на биодиверзитетот, но и да ги задоволи потребите на своите посетители.
Една од најголемите промени во целокупното реаботење на Зоо Битола се случи во текот на 2011 година. Имено, за прв пат во историјата на работењето на оваа институција беше изработена техничка документација за нејзина комплетна реконструкција. Со ова, во суштина беше започнат процес кој целосно ќе го промени ликот на оваа институција. Техничката документација предвидува нови 26 живеалишта и останата комплементарна инфраструктура: едукативен центар, пешачки патеки, видиковец, детски парк, ресторан, сервисна зона.
Техничката документација е во целосна согласност со строгите барања на Европската Унија во делот на чувањето на диви животни во заробеништво (Council Directive 1999/22/EC of 29 March 1999 on the keeping of wild animals in zoos), но и со барањата на Европската Асоцијација на Зоолошки Градини и Аквариуми (ЕАЗА), како најрелевантна институција на европско тло од овој вид.
Покрај техничката документација, за прв пат во историјата на постоењето на Зоо Битола изработена е Едукативна програма за маркетинг и промоција на Градината, која преку двегодишен акциски план треба да го зголеми бројот на посетители на Зоо Битола и да и ја подобри комуникацијата со надворешни сродни институции.
Во текот на 2011 година, Зоо Битола поднесе апликација за членство во ЕАЗА. Благодарение на претходно превземените активности, на последната седница на Советот на ЕАЗА одржана на 26 април 2012 во Минхен, Германија со консензус беше донесена одлука на Зоо Битола да и се додели статус “Зоолошка Градина – кандидат за член во фаза на реконструкција”.
Битолската Зоолошката Градина е сместена е во прекрасна природа на падините на Тумбе Кафе и заради карактеристиките на својот терен, Градината има оригинален и нетипичен “ридско – планински” изглед.
Со вкупна површина од околу 2 хектари квадратни, бројка што според модерните светски стандарди ја сместува во категоријата на мали зоолошки градини.
Зоо Битола има матично стадо составено од повеќе од 30 различни видови на животни, со повеќе од 400 нивни претставници.
Традиционало од 2011 год, во Зоолошката градина се одржува културна-забавна манифестација „Дедо Мраз во Зоолошка градина“ каде најмладите имаат прилка да учествуваат во богатите наградни игри и да се фотографираат со Дедо Мраз.
Во Зоолошката Градина работат вкупно 14 вработени кои се задолжени за секојдневна грижа, одгледување, нега односно севкупно подобрување на “престојот” на животните-резиденти.
Зоолошката Градина работи под надлежност на Советот на Општина Битола.
Јавни повици
- Јавен повик за доставување на предлог проекти за активности од областа на културата за 2023
- Листа на одобрени апликации, распоредени во соодветната област на програмата за култура за 2023 година – прв дел
- Резултати од јавниот повик за доставвање на предлог проекти за активности од областа на културата за 2023 година – прв дел