Градоначалникот на општина Битола, Тони Коњановски, денес оствари средба со Генералниот конзул на Република Албанија во Струга, Петрит Мусај.
На средбата, се разговараше за добрите односи помеѓу двете земји, како и за потенцијалите за соработка на бизнис секторот и можностите за заеднички делувања во културата и туризмот.
Градоначалникот Коњановски, потенцираше дека општина Битола, веќе има воспоставено соработка со албанската страна и во проекти поддржани од програмата за прекугранична соработка, посебно нагласувајќи ја соработката со општините Пустец и Корча.
Генералниот конзул Мусај нагласи дека оваа соработка мора и понатаму да се зајакнува, заради што ја истакна и својата идна заложба за збратимување на Битола и Корча.
Генералниот конзул е назначен на оваа функција во септември 2024, а неговото делување ги опфаќа општините од југозападниот регион.

