На денешната 17-та седница на Советот на Општина Битола, градоначалникот Тони Коњановски имаше свое обраќање во кое направи рекапитулација на првата година од новиот мандат на оваа локална самоуправа, осврнувајќи се на планираното и реализираното.

Во продолжение интегрално Ви го пренесуваме неговото обраќање.
„Со почит кон историјата и наша должност во сегашноста, во пресрет на Денот на ослободувањето на Битола, традиционално од оваа говорница, правиме ретроспектива на реализираните активности во изминатиот едногодишен период, во кој се заокружува и првата година од вториот мандат на оваа локална самоуправа.
Наша обврска е достојно да го одбележиме „4 ти Ноември“, а тоа веќе докажано не го правиме само со протоколарни активности и впечатливи манифестации, туку со стратешки пристап, изготвување проектна документација, обезбедување финансиски средства и јасна визија за континуитет на активностите и проектната реализација на терен, на локации недопрени со децении, на нови простори и терени за напредок на спортскиот дух кај младите, како и на места кои се важни за инвестициска привлечност и економски напредок на Битола.

За општина со 85 164 жители и 65 села, секогаш има многу што да се направи, но бројката од 180 проекти кои ја одбележуваат изминатата една година, потврдува дека оваа локална самоуправа, професионално и посветено, дејствува во вистинска насока.
Фактите говорат дека 34 проценти од таа бројка на проекти се завршени, 27 се во фаза на реализација, за 17 проценти потпишани се договори, а за 22% во завршна фаза се подготвителните постапки.
Новата развојна ера на Битола, ја дефинира токму ваквиот организиран пристап, во кој постапките се спроведуваат плански, согласно подготвеноста и можностите за работа на терен за реализација на планираните капитални инвестиции.
Нашата соработка, мојата и на општинската администрација со Вас, почитувани советници, значително овозможува оваа состојба да биде токму како што споменав, непречено да се реализираат голем број проекти, со кои ќе ја оправдаме довербата на нашите сограѓани и заедно, како Совет и градоначалник, ќе оставиме добар печат на времето во кое имаме можност да одлучуваме и да дадеме значаен придонес за Битола.

Нашата општина, не памети период со толкав голем број проекти, но благодарение на административната подготвеност, ниту период со толкава голема Владина поддршка.
Битола е општина со најголем број аплицирани и добиени проекти во државата од двата повици на Владата, а со тоа и Општина која треба да биде пример и за други локални самоуправи, што значи ветеното да се преточи во реализација.
Во однос на процентуалниот сооднос според реализација на програми, секогаш настојуваме да дадеме подеднаква важност за различни целни групи, врз основа на анализи на засегнатите страни, нивните потреби и приоритети. Така е со Програмите кои вклучуваат инфраструктура и уредување на градежно земјиште, но и со програмите за култура, спорт, социјална заштита и други програми.
Од друга страна, следењето на одредени промени кои настануваат во текот на реализацијата, овозможува навремена интервенција во делот на Буџетоти програмските измени, за што од особено значење ни е вашата поддршка како Совет на општина Битола, за што изразувам искрена благодарност за конструктивноста во изминатата една година.
Токму оваа соработка резултираше со реализација на проекти во голем дел од нашите населени места, за што сакам да им се заблагодарам и на сите битолчани, за предлозите, идеите, но и за разбирањето кое го покажаа во моментите кога истовремено работевме на повеќе локации или работните активности се одолговлекуваа заради одрдени усогласувања со процедури или други околоности.

Низ кратка рекапитулација, изминатата година ја одбележаа следните инвестиции:
Над 10 километри обновена и новоизградена патна инфраструктура, во урбаниот и руралниот дел, инвестиција во водоводна и канализациона мрежа во должина над 3 километри, реконструкцијата и изградба на 24 спортски училишни терени и 4 типски спортски сали, завршени проекти, но и проекти во фаза на реализација, кои наскоро ќе светнат како што светнаа терените во ОУ „Ѓорѓи Сугарев“, во ОУ „Гоце Делчев“, во двата објекти на ова училиште, во ОУ „Елпида Караманди“ , ОУ „Климент Охридски“, потоа во училиштето во Горно Оризари, во населбата Стрелиште, а се работи и во ОУ „Даме Груев“.
Со овие училишни терени направивме значаен потег за нашите најмлади, нашите ученици, но и за сите кои сакаат да спортуваат.
Во оваа прилика ќе го цитирам еден босански портал кој напиша дека стадионот во Битола е еден од најубавите на Балканот, каде се играат и меѓународни натпревари. Со досегашните инвестиции потврдивме дека со јасна визија, посветена работа и континуирано вложување можеме да создадеме современа спортска инфраструктура која не само што ги задоволува меѓународните стандарди, туку ја позиционира Битола како значаен спортски центар во регионот и ја враќа гордоста на битолчани.
Во завршна фаза е изградбата на Боксерската сала, со што Битола, како град со докажани спортисти во оваа област, носители на високи признанија на домашната и меѓународната сцена, ќе добие современи услови за тренинг, развој на нови таленти и продолжување на успешните настапи на балканските, европските и светските натпреварувања.
Во тек е и изградбата на спортската сала во Бистрица, со што уште едно дадено ветување го преточуваме во конкретна реализација. Објектот, кој со децении беше нефункционален и неискористен, го трансформираме во современ мултифункционален простор, кој ќе создаде нови можности за спорт, рекреација и организирање различни активности, во интерес на жителите на Бистрица и околните населени места.
Го задржавме континуитетот за подобрување на инфраструктурата преку изградба и реконструкцијата на улици, патишта и нови паркинг места во градот.
Само во изминатата една година во овој дел ги издвојуваме:
– булеварскиот влез на Битола од страната на Прилеп,
– новата улица „СТУ 3“ со 100 нови паркинг места,
– улицата со паркинг простор за 25 возила на „Браќа Џаферови“
– нов паркинг простор изграден на „СТУ 9“ АРМ четврт 3, со над 70 паркинг места,
– ги асфалтиравме улиците „Леринска“, „Козара“, „11-ти Март“ и „Панде Николов“, а се работи на „Чеде Филиповски“.
– комплетно се реконструираше улицата „Маркс и Енгелс“ ( водовод, канализација и коловоз),
-асфалтирани се три краци од улицата „Даме Груев“ во населбата Мал Париз.
– асфалтирана е и улицата „Панде Кајзеро“.
– изградена е новата улица „СРУ 5“ која ги поврзува од едната страна улицата „Партизанска“ а од другата страна улицата „Крушевска Република“.
– се работи на улицата „Дебарска“, асфалтиравме улици во Братиндол, во Трн, Ротино, селото Барешани патот до манастирот „Св. Меркуриј“, потоа во Карамани, Раштани, а извршивме и доградбата на коловозот на локалниот пат за село Буково.
Воведовме современо решение со пешачки семафори на две локации на Широк Сокак.
Заедно со граѓаните, низ граѓански форум, бараме најдобро решение за уредување на плоштадот „Гоце Делчев“.
Во делот на образованието инвестираме во:
– топлински пумпи и енергетски ефикасна фасада на ОУ „Стив Наумов“,
– во Буковски ливади се работи на објектот кој ќе биде нова училишна зграда,
– имплементиравме проект со современи стандарди за хигиената во училиштето Коле Канински,
– извршена е реконструкција на спортската сала и поставени се фотоволтаици за ОУ „Елпида Караманди“,
– го реконструираме и училиштето во Крклино,
– ставена е во функција новата ресурсна соба во ОУ „Ѓорѓи Сугарев“,
– инвестиравме во средното општинско училиште Таки Даскало, преку промена на дограмата и нова електрична инсталација во блокот Б,
– земјоделското училиште доби Зелена еко училница
– предложив, а вие како Советот едногласно ја поддржавте мојата иницијатива за некористење на мобилни телефони во училиштата за време на наставата.
– ја реализиравме и летната универзитетска пракса во Општината и јавните претпријатија,
– имаме нова училница, училишен мебел и прочистувачи на воздух во економското училишта.
Вложуваме во подобри услови за нашата иднина, тоа се нашите најмлади, за кои се обезбедени над 470 места за згрижување во новите детски градинки: „Пчеличка“ која ја отворивме во Домот за доенчиња и мали деца, готова е новата градинка кај ОУ „Климент Охридски“, а се работи и на градинката во АРМ, каде идната година листата на чекање ќе биде намалена за 246 деца.
– Поставивме топлински пумпи во градинката и училиштето во Буковски ливади.
Создаваме услови со кои Битола економски ќе напредува со нови инвестиции. Тоа што го започнавме со создавање можности за неколку нови објекти и нови работни места, го продолживме и во првата година од овој мандат.
– неодамна беше поставен камен темелникот на вториот Лидл маркет во Битола, а претходно беше отворена новата фабрика „Брејнчајлд производство“.
Петта година по ред заедно со граѓаните го креираме буџетот, овој пат тој за 2027 година, каде на првата форумска сесија имаше голем интерес и слушнавме добри предлози и идеи.
Како општина сме целосно посветени на проектите за праведна транзиција, а во Црна Гора го потпишав меморандумот за соработка со индустриски зони од земјите од регионот на Западен Балкан и ЕУ.
Подобра инфраструктура, значи привлечен град за инвеститори и туристи.
Во делот на туризмот, како стратешки документ, важно е да се спомене и изработката на физибилити студијата за изградба на гондола на Пелистер со цел Пелистер перспективно да стане четирисезонски туристички центар.
Грижата за хигиената во градот е поврзана и со обезбедување на нова опрема и механизација.
Се нови возила се обновува возниот парк на јавните претпријатија „Комуналец“ и „Нискоградба“ за поголема ефикасност во нивната работа.
Водоснабдувањето во селата и справувањето со недостигот на вода е предизвикот пред нас, а општината и ЈП „Водовод“ се дел од проектот „Watervill“ за иновативни решенија за подобрување на состојбата во оваа сфера.
Општина Битола инвестираше над 52 милиони денари за изградбата на новата противпожарна зграда до фаза карабина со поставена дограма, а втората фаза преку грантот на министерството за одбрана на САД, во вредност од 1 милион долари за внатрешно опремување.
Битола е град во кој културата блеска во најсилно светло. Во последните 10 месеци имавме над 100.000 посетители. За овој културен раст општината преку Програмата за култура обезбедува околу 45 милиони денари што е 7 пати помалку од 310.412.172 денари за спортска инфраструктура, но доволно за богатата култура далеку да се слушне, а сите посетители на настаните за убавите впечатоци долго да зборуваат. Ова е значаен чекор за развој на културниот туризам на Битола, за што градот поседува голем потенцијал.
По повод празнувањето на Денот на ослободувањето на Битола, 4-ти Ноември, градот повторно ќе живее со содржински исполнета културно-уметничка и спортска програма.
Предизвици има уште многу, а нивното решавање е можно само со посветена работа, конструктивна соработка и љубов кон градот кој мора да напредува во секоја област.
Визијата за напредок, не препознава дневна политика, само јасна насоченост кон слушање на гласот на секој поединец, активна вклученост на експертските знаења и неуморно делување, за реализација на дела за иднината на градот кој ќе продолжи да се развива во современ центар на нашата татковина“ рече градоначалникот Коњановски.






