Градоначалникот на Битола Тони Коњановски денеска присуствуваше на официјалното отворање на „Живо атеље“-втората фаза од проектот „Симфонија на петте: звуците на Офицерски“ кој претставува интердисциплинарна ликовна иницијатива која ги обединува едукацијата, креативниот процес и изложбената дејност.

Основната идеја на овој проект е да го демистифицира создавањето на уметничкото дело, изнесувајќи го процесот од изолираните училишни кабинети директно во јавниот галериски простор.

За разлика од традиционалните конкурси каде учениците се натпреваруваат како индивидуалци, овој проект бара формирање на уметнички тимови. Секој тим е составен од 5 ученици кои имаат задача да замислат и реализираат едно монументално дело – полиптих (композиција од пет поединечни панели), на тема: „Звуците на Офицерски“. Предизвикот лежи во тоа што секој ученик работи на својот дел со сопствен ликовен ракопис, техника и стил, но крајниот резултат мора да функционира како хармонична и естетски поврзана целина.

Во првата фаза на проектот беше спроведен јавен конкурс на кој беа селектирани учесниците, втората фаза која е во тек значи тринеделно уметничко атеље, каде учениците ќе творат со поддршка на нивните ментори Ангела Каранфилова и Љубица М. Солак, а третата фаза ќе биде свечена изложба на создадените дела.






