Општина Битола

КООРДИНИРАНО СЛЕДЕЊЕ НА ЛЕАП ЗА КОНКРЕТНИ РЕЗУЛТАТИ ВО ЗАШТИТАТА НА ЖИВОТНАТА СРЕДИНА

На иницијатива на градоначалникот Тони Коњановски, денес во Општина Битола се одржа првата седница на Координативното тело за следење на имплементацијата на Локалниот еколошки акционен план (ЛЕАП) на Општина Битола, формирано на 7 ми јули со Одлука на Советот на општината.

Целта на координативното тело е да обезбеди континуирано и координирано следење на реализацијата на мерките и активностите предвидени со ЛЕАП, размена на информации и податоци, утврдување на степенот на реализација, како и предлагање мерки за надминување на утврдените предизвици.

Во составот на телото вклучени се 11 членови, меѓу кои: градоначалникот, претставници на надлежните сектори од општинската администрација, советници од Советот на Општина Битола, директори на јавни претпријатија и претставници на граѓански здруженија. Ваквиот состав треба да овозможи поврзување на различните надлежности и заедничко дејствување во реализацијата на локалните политики за животна средина.

На првата седница членовите беа информирани за деталите во врска со Одлуката за формирање на координативното тело, неговите надлежности и задачи, по што беше презентиран актуелниот Локален еколошки акционен план на Општина Битола 2024 – 2030, заедно со информации за досегашниот степен на реализација на планираните мерки и активности. Како посебна точка беше разгледан и предлогот за организација и начинот на понатамошна работа на координативното тело.

ЛЕАП претставува стратешка рамка преку која се дефинирани целите, мерките и активностите за заштита и унапредување на животната средина и здравјето на луѓето во областите што се во надлежност на општината. Во рамките на неговата имплементација  опфатени се значајни локални еколошки предизвици, меѓу кои управувањето со отпадот, дивите депонии, квалитетот на амбиенталниот воздух и заштитата на природата.

На седницата беше нагласено дека донесувањето на ЛЕАП е почетна основа, додека неговата вредност се потврдува преку реализацијата на планираните мерки и постигнувањето конкретни резултати.

„Нашата заедничка задача е ЛЕАП да го претвориме од стратешки документ во конкретни резултати. Само преку континуирано следење, одговорност и добра координација можеме да постигнеме реални подобрувања во животната средина и квалитетот на живот во Општина Битола”, истакна градоначалникот на Општина Битола, Тони Коњановски на денешната седница.

Преку работата на координативното тело ќе се овозможи редовно следење на постигнатиот напредок, навремено идентификување на проблемите и координирање на надлежните институции и останатите вклучени субјекти, со цел планираните активности од ЛЕАП да се преточуваат во конкретни и видливи резултати за Битола и нејзините граѓани.

Scroll to Top