Општина Битола

КОЊАНОВСКИ: УСВОЈУВАЊЕТО НА РЕБАЛАНСОТ ЌЕ ЗНАЧИ КОНТИНУИТЕТ НА УСПЕШНОТО РЕАЛИЗИРАЊЕ НА ПРОЕКТИТЕ

На денешната седница на Советот на Општина Битола, меѓу другите точки е и ребалансот на Буџетот на Општина Битола за 2026 година.

Во продолжение интегрално Ви го пренесуваме обраќањето на градоначалникот Тони Коњановски.

Почитуван Претседател на Советот,

Почитувани советници,

Почиитувани медиуми и гости,

Почитувани граѓани,

Се наоѓаме на половина од 2026 година, со многу проекти чија релизација на терен веќе е видлива, многу предизвици со кои се соочивме од различни причини, но и многу планови и проекти со кои треба да продолжиме до крајот на оваа календарска година.

Успешноста на реализацијата, не зависи само од планираната динамика, туку и од умешноста брзо да се интервенира во одредени проблематични ситуации. Она што е најважно за нас е да не постои застој, а работните активности успешно да се завршуваат согласно проектната документација и законската регулатива.

Добро познатиот факт дека со Владина поддршка реализираме 80 проекти, говори дека работата на терен е интензивна, а оваа градежна сезона и многу реализирани проекти ќе бидат видливи.

Денес, кога точка на дневен ред е Ребалансот на буџетот, сакам да потенцирам дека од страна на министерството за финансии имаме проширена буџетска рамка од 47.674.959,00 денари, со што висината на основниот Буџет на Општина Битола за 2026 година изнесува 1.697.941.666,00 денари. Заедно со приходите од самофинансирачки активности, дотации, донации, вкупниот буџет на Општината Битола ќе изнесува 3.238.507.123,00 денари.

Усвојувањето на денешниот ребаланс на Буџетот, ќе овозможи понатамошна успешна реализација на сите планирани проекти и програми.

Од тоа што е посебно значајно сакам да истакнам дека со овој ребаланс се вршат измени во неколку програми меѓу кои: Програмата за образование, каде се дообезбедуваат средства со цел понатамошно успешно функционирање на училиштата, Програмата за животна средина – каде планираме 5.000.000 денари за набавка на електрични велосипеди, што је потврдува нашата тенденција за Битола да стане вело град, преку создавање на вело инфраструктура, но и набавка на велосипеди кои ќе можат да ги користат граѓаните.

Измени има Програмата за економски развој, каде меѓудругото внесуваме меѓународен проект за подобрување на квалитетот на водоснабдувањето, со посебен акцент на руралните места, а средствата ги зголемуваме и кај проектите за енергетска ефикасност, реконструкција на капацитети военергетиката, во програмата за одржување и заштита на локални патишта, улици и регулирање на режим на сообраќај, во делот на изградба и реконструкција на локални патишта и улици, изградба на системи за водоснабдување, како и изведба на системи за одведување и пречистување на отпадни води.

Капиталните проекти кои веќе ги реализираме се во завршна фаза, а тука се вбројуваат боксерската сала, изградбата на новата противпожарна зграда, привршуваат работите и на градинката кај ОУ „Климент Охридски“, во градинката во АРМ.

Во тек се градежните активности со кои се реконструира објектот во населбата „Буковски ливади“, а кој ќе биде подрачно училиште на ООУ „Коле Канински“, се работи и на изградбата на спортската сала во Бистрица.

Активности се реализираат и на булеварскиот влез на Битола, каде наскоро ќе започна и хортикултурното уредување од страна на ЈП Комуналец.

Она што во 2019 година Советот го донесе како иницијатива за враќање на Плоштадот „Гоце Делчев“ во неговиот поранешен облик и содржина во централното градско подрачје, денес преку форумски сесии и партиципативност на граѓаните, се обидуваме да најдеме најдобро решение кое во овој период ќе одговара на Плоштадот и централното градско јадро.

Исто така, тоа што со Одлука на еден од претходните состави на Советот во 2020 година, значеше усвојување сообраќајна студија и идеен сообраќаен проект со динамичка микроскопска симулација и организирање на режим на сообраќај во централно градско подрачје, денес врз основа на изготвен проект од оваа локална самоуправа се реализира на крстосниците на улица „Широк Сокак“ со улица „Димитар Илиевски Мурато“ и со улица „Солунска“ и воведување на пешачка зона на Плоштад „Гоце Делчев “ во Битола.

После реконструкцијата на улицата СРУ 5, веќе во напредна фаза е постапката со ЕВН за дислокација на трансформаторот на оваа улица и создавање можност за напојување на електрични автобуси.

Поддршката на спортот продолжува да биде важен мотив за нас, а веќе работиме на решенија кои ќе значат поддршка за понатамошен напредок, одржливост и високи резултати.

Важно е да се спомене дека со реконструкцијата на спортските игралишта опфатени се вкупно 24 спортски терени, како и изградба на 3 типски спортски сали, нешто што во изминатите години не било направено.

Обезбедуваме нови паркинг места во старото градско јадро.

Започнати се активностите кај старото финансов каде ќе има паркинг простор, а таму се реконструира и улицата „Браќа Џаферови“, потоа паркинг простори кај Ат Пазар, кај хеликоптерот, кај Кифлата и Овчи пазар, како и на СТУ9.

Ова се само дел од активностите, кои во овој период интензивно се одвиваат во Битола. Ребалансот на буџетот значи поддршка на реализацијата, плановите и можностите за нови проекти во Битола.

За секоја дилема, во однос на било која област од надлежноста на локалната самоуправа, почитувани советници, повелете со советнички прашања.

Ви благодарам за вниманието и тука сум да одговорам на Вашите прашања.

Scroll to Top