Во Битола денеска се одржа четврата средба на Регионалната платформа за млади на која учествуваат граѓански организации и градоначалници од Пелагонискиот регион.

Пред учесниците поздравни обраќања имаше Емилиа Ѓероска, претседател на Про Локал, Н.Е. Кристоф Зомер, Амбасадор на Швајцарија во Македонија и градоначалникот на Битола, Тони Коњановски.


На темата младински политики по мерки за младите се зборуваше за предизвиците и потребите на младите за социјална заштита и образованието во Пелагонискиот регион, потоа предизвиците и потребите на младите во спортот, во младинското учество и јавниот превоз.
„Како локални власти, сите сме свесни дека младинските политики не се едноставни за имплементација. Се соочуваме со ограничени финансиски и човечки ресурси, различни стартни позиции и различни реалности – особено кога ги споредуваме поголемите урбани со помалите и руралните општини.
Но, токму затоа Регионалната платформа за млади има посебна вредност. Таа ни овозможува да не ги решаваме предизвиците изолирано, туку заеднички – преку размена на искуства, усогласување на пристапи и креирање мерки што се применливи во целиот регион.
Денеска пред нас се конкретни анализи и предлог-мерки поврзани со области кои директно го обликуваат животот на младите: образованието и социјалната заштита, младинското учество, спортот и јавниот превоз. Ова не се апстрактни теми, туку прашања кои одлучуваат дали младите ќе останат во своите општини, дали ќе се чувствуваат слушнати и дали ќе веруваат во институциите“, рече градоначалникот на Битола, Тони Коњановски.

Градоначалникот додаде дека важно е да се нагласи дека мерките кои денес ќе ги разгледуваат и усвојуваат не треба да останат само на ниво на препораки, туку дека нивната одговорност, како градоначалници и советници, е овие мерки да ги преточат во конкретни политики, одлуки и буџетски приоритети.

„Нашата визија е ваквиот хаб да ги подготвува младите за работните места на иднината, да ја надополнува улогата на младинските центри во општините и да обезбеди еднаков пристап до можности – без разлика дали младите доаѓаат од урбана или од рурална средина. Ова го гледаме како долгорочен регионален пристап, кој ќе се гради постепено, преку партнерство, заедничко планирање и одговорност“, рече Коњановски.

На тематскиот форум се зборуваше за нееднаквите можности за младите во помалите и рурални наспороти во поголемите и урбани општини. Беа презентирани првичните наоди од националната проценка на влијанието на ЗМУМП во помалите и рурални наспороти во поголемите и урбани општини, а се зборуваше и за младинските организации и Законот за младинско учество и младински политики и националните политики и стратешки насоки за подобрување на положбат на младите.

Организатор на настанот е невладината организација Про Локал, а проектот е поддржан од Владата на Швајцарија преку Цивика Мобилитас.

