Општина Битола

НОВА РЕСУРСНА СОБА СТАВЕНА ВО ФУНКЦИЈА НА ОУ „ЃОРЃИ СУГАРЕВ“ БИТОЛА

Денес во ООУ „Ѓорѓи Сугарев“ – Битола беше ставена во функција новата ресурсна соба, создадена како современо, безбедно и пријатно катче за поддршка на учениците и за унапредување на инклузивната практика во училиштето.

На настанот присуствуваа и градоначалникот на Битола Тони Коњановски и претседателот на Советот Бојан Бојкоски кои искажаа голема благодарност кон донаторите за опремувањето на на оваа ресурсна соба.

Просторот е осмислен така што ќе може да го користат учениците, образовните и личните асистенти, наставниците и стручните соработници, во зависност од индивидуалните потреби на секое дете. Ресурсната соба овозможува услови за индивидуална и мала групна работа, дополнителна образовна поддршка, развој на различни вештини, но и простор во кој ученикот може да се чувствува сигурно, прифатено и поддржано.

Со нејзиното ставање во функција, училиштето прави уште еден конкретен чекор кон создавање средина во која различностите се почитуваат, а секое дете добива можност да учи, да напредува и активно да биде дел од училишната заедница.

Опремувањето и уредувањето на просторијата е реализирано со поддршка од „Hand Till Hand“ и „Handelsbankens Fadderbarns Fond“, на кои училиштето им изразува искрена благодарност за препознавањето на потребата и за поддршката во создавањето подобри услови за учениците.

Од ООУ „Ѓорѓи Сугарев“ истакнуваат дека ресурсната соба не треба да се гледа само како ново уредена просторија, туку како простор што ја преточува инклузијата во секојдневна практика – преку поддршка, разбирање и еднакви можности за секое дете.

Секое дете може. Секое дете припаѓа, велат од училиштето.

Scroll to Top