Министерот за социјална политика, демографија и млади, Фатмир Лимани, Градоначалникот на општина Битола, Тони Коњановски и секретарот на Општинската организација на Црвен крст Битола, Кристијан Крстески, го потпишаа договорот за грант со кој Министерството, се обврзува да го финансира предлог проектот поднесен од страна на Општината и Црвен крст за развој на социјалната услуга – Центар за дневен престој за стари лица за активно стареење.
Услугата дневен престој за стари лица ги опфаќа услугите од член 4 од важечкиот Правилник за начинот, обемот, нормативите и стандардите за давање на социјалните услуги на дневен престој, рехабилитација и реинтеграција и ресоцијализација и за простор, средства, кадри и потребната документација за центар за дневен престој, центар за рехабилитација и центар за ресоцијализација, како и помош за социјално зајакнување на старите лица и подобрување на социјалните и културните стандарди за живот и начин на живот со кои се овозможува активно стареење.
Согласно договорот, Министерството ќе обезбеди грант на Давателот на услугата, во износ од 1.070.296 денари за воспоставување на социјалната услуга, зголемен за износот на давањето на социјалната услуга.
Дневниот центар за стари лица со активно стареење е услуга која е дел од сеопфатната социјална реформа која има за цел да обезбеди поддршка и подобрување на квалитетот на животот на старите лица во нашата заедница. Центарот ќе ги опфати лицата од третата доба кои живеат сами или со својот брачен другар, особено оние од руралните населени места на општина Битола, кои имаат потреба од социјализација и желба за активно учество во општеството.
Социјалната услуга, всушност преставува превенција на потребата од вонсемејна заштита, како и поддршка за одржување на виталноста и квалитетот на живот на старите лица, а ќе биде достапна преку овој Дневен центар, финансиран од Проектот за подобрување на социјалните услуги, што го спроведува Министерството со поддршка од Светска банка. Со услугата ќе бидат опфатени минимум 24 до максимум 50 стари лица од општината Битола. Според релевантните правни акти целта на давањето на услугата ќе биде насочена кон целосна поддршка и исполнување на потребите на старите лица кои имаат потреба од оваа услуга.


