Општина Битола

ОПШТИНСКИОТ СОВЕТ ЗА ПРЕВЕНЦИЈА ОД ДЕТСКО ПРЕСТАПНИШТВО СО ПОВЕЌЕ ПРОГРАМСКИ АКТИВНОСТИ ЗА 2025 ГОДИНА

Трибини, едукативни предавања, работилници, креативни настани за подигнување на свеста против зависностите: интернет зависност и социјални мрежи, дрога, алкохол, пушење… едукација против вандализам и насилство од секаков вид низ сите основни и средни училишта во Битола, се дел од активностите содржани во Програма на Општинскиот совет за детско престапништво – Битола за 2025 година, каде како општи цели, наведени се следните:

  • проценка на состојбата со малолетничко престапништво на територијата на општината.
  • подигнување свест во заедницата за проблемот со детско престапништво.
  • воспоставување на координирана соработка со институциите кои го третираат проблемот со малолетничко престапништво на национално, регионално и општинско ниво.

Со реализација на планираните активности, се настојува да се спречи ризично однесување и влегување во престапништво, а младите да се поттикнат својата бунтовна енергија да ја изразуваат на креативен начин, преку уметност, спорт, дружење, емпатија…
Претседавач на ОСПДПБ е Жанета Ристевска, Секретар Арјона Исовска, а Потпретседател Сашо Кочанковски.
На првата седница од новата година која се одржа на крајот на јануари, членовите на Советот за превенција од детско престапништво, дискутираа на повеќе точки од дневниот ред, но најголем акцент се стави на Програмата за 2025 година која се разгледуваше и беше усвоена едногласно.
Жанета Ристевска претседавач на ОСПДПБ, нагласи дека и оваа година продолжуваат активностите поврзани со т.н примарна превенција која вклучува едукативни трибини низ училишта за пороците на денешницата, како и опасностите кои произлегуваат од зависноста од алкохол, дроги и психотропни супстанции кои доведуваат до зголемена потреба на финансиски средства што предизвикува зависникот да се јави како сторител на кривични дела од различен вид (кражби, недозволена трговија со наркотични средства) кривични дела во сообраќајот како и други казниви дела.
Во Програмата за 2025, планирани се и едукативни работилници за подигнување на свесноста за интернет зависност, злоупотреба, како и за правилно користење на социјални мрежи, а посебно за предизвиците на социјалната мрежа Тик Ток.
Општинскиот совет за превенција од детско престапништво Битола го сочинуваат 25 членови, кои доаѓаат од различни институции и даваат свој придонес: МВР, Центар за социјална работа, Обвинителство, Адвокатска комора, преставници од основни и средни училишта: психолози, педагози, наставници, невладин сектор, медиуми.

Scroll to Top