Денеска со свечено поставување на камен-темелник, компанијата „ЛИДЛ“ официјално го означи почетокот на изградбата на својот втор продажен објект во Битола. Додека првиот маркет на компанијата во градот е веќе во финална фаза од изградбата, со овој нов проект Битола станува еден од клучните места во земјава каде што „ЛИДЛ“ ќе овозможи современо и модерно шопинг искуство преку повеќе продажни локации.

Оваа инвестиција претставува уште еден значаен и конкретен чекор во реализацијата на долгорочната стратегија на „ЛИДЛ“ за развој на сопствена продажна мрежа во Македонија.

„Ние инвестираме во изградба на сопствени објекти, што значи дека секој маркет го градиме од самиот почеток, со примена на строги стандарди за квалитет и внимателно планирање на сите сегменти од неговата реализација. Нашата цел е да создадеме широка и функционална мрежа на маркети, со највисоко ниво на квалитет, енергетска ефикасност и одржливост, како и решенија што нудат пријатна средина за потрошувачите“, истакна , Катарина Зориќ, директорка за недвижности во „ЛИДЛ“ Северна Македонија.

Градоначалникот на Битола, Тони Коњановски, истакна дека вториот маркет на „ЛИДЛ“ е значајна инвестиција за градот, која носи придобивки за локалната економија и потрошувачите, но и потврда дека Битола е град во кој компанијата препознава потенцијал.

„Задоволство е што денеска го означуваме официјалниот почеток на изградбата на вашиот, а и нашиот „ЛИДЛ“ маркет, втор во Битола. Велам нашиот затоа што верувам дека битолчани со нетрпение очекуваат да се изгради, а потоа и да се отворат вратите на овој препознатлив бренд. Оваа значајна инвестиција ќе биде додадена вредност за битолската економија, ќе придонесе за отворање нови работни места и ќе обезбеди квалитетна понуда за потрошувачите, а воедно ќе отвори можности за партнерства со домашни компании. Ви благодарам што по втор пат ја избравте Битола и со нетрпение очекуваме да ги отворите вратите за сите нас“, изјави Коњановски.

Основни карактеристики на новиот маркет во Битола се изградба по највисоки стандарди за енергетска ефикасност и еколошка одржливост на простор од 5 288 м², современо уредена продажна сала од 1 546 м² за пријатно искуство при пазарењето, обезбедени 108 паркинг места за удобно пазарување на нашите клиенти и над 20% од парцелата е предвидена за хортикултурно уредување и зеленило.




