Со цел да ги приближи локалните чинители во директен дијалог со надлежните национални институции, како и подобра координација и вклучување на локалните перспективи во процесите на енергетска транзиција, во Скопје се одржа конференцијата „Праведна енергетска транзиција на локално ниво: работници, заедници и дијалог“.

На конференцијата, свои воведни излагања имаа Сашо Додовски од МКЦ ‒ Битола, министерката за енергетика, рударство и минерални суровини Сања Божиновска, секретарот на општина Битола Борче Димитровски, како и Левенд Бичаку од Меѓународениот центар „Олоф Палме“ Шведска.

Министерката Божиновска се осврна на работата на министерството, како најмладо министерство во државата и постинатите резултати во изминатите година и пол. Таа посочи дека се отвораат нови можности за уште поголема соработка помеѓу министерството и локалните самоуправи во повеќе насоки, а го најави и фондот за енергетска ефикасност наменет за општините.

Покрај воведното обраќање, секретарот на општина Битола Борче Димитровски се обрати на панел дискусијата „Локалните економско-социјални совети (ЛЕСС) како двигател на праведната транзиција“, на која ја истакна потребата од функционирањето на Локалните економско социјални совети (ЛЕСС) во општините, но и потребата од неговото преструктуирање, пред се на законска основа. Во однос на процесот на Праведна транзиција, Димитровски посочи дека неминовно е сите да се залагаат за почист воздух, но истовремено треба да се внимава и на економската состојба во општината.

Конференцијата се одвиваше во три панел дискусии, а покрај панелот посветен на ЛЕСС, се одржаа и панел дискусиите „Локални и национални приоритети во праведната транзиција на Македонија“ и „Локалната економија пред предизвикот на енергетската транзиција“, со учество на претставници од општина Битола, невладиниот сектор и соодветните министерства.




