Општина Битола

ПРЕМИЕРОТ МИЦКОСКИ И МИНИСТЕРКАТА ЈАНЕВСКА ВО ПОСЕТА НА ИЗВЕДБАТА НА ГРАДЕЖНИТЕ РАБОТИ НА УЧИЛИШТЕТО ВО НАСЕЛБАТА „БУКОВСКИ ЛИВАДИ“

Претседателот на Владата Христијан Мицкоски, министерката за образование и наука Весна Јаневска и градоначалникот на Битола Тони Коњановски денеска извршија увид во градежните активности со кои се реконструира објектот во населбата „Буковски ливади“, а кој ќе биде подрачно училиште на ООУ „Коле Канински“.

Според проектот на приземје и кат предвидени се 5 училници, заеднички простории, санитарни јазли, помошни простории и наставничка канцеларија,  библиотека, медиотека. Вкупно изградена површина 400 м2. Вредноста на договорот е 31.470.403 денари.

Вовед во работа е направен на 22 мај 2026 година, а рокот на изведба е 270 денови.

„Дозволете ми во оваа прилика да истакнам дека во делот на образованието големи се вложувањата што ги прави и Општина Битола и Владата на Македонија. Особено радува фактот што после децении се случува би рекол револуционерен зафат во делот на училишната спортска инфраструктура.

Основните училишта во Општина Битола ќе добијат 24 спортски терени и типски сали, во 9 училишта во вкупна вредност на инвестицијата во спортската инфраструктура над 4,5 милиони евра.

Исто така Општина Битола со средства од општинскиот буџет ја започна реконструкцијата на спортските игралишта во ОУ „Ѓорѓи Сугарев“ за што се обезбедени средства во висина од 18.100.000 денари.

Модерни и современи, место каде во нормални услови учениците ќе изведуваат настава и ќе бидат место каде ќе го развиваат и градат спортскиот дух“ рече градоначалникот Коњановски.

Тој се заблагодари и на премиерот и на Владата и Mинистерството за образование за одобрените проекти за изградба на спортски игралишта и типски училишни спортски сали преку вториот владин повик од унгарскиот кредит. Во најголем дел од нив реконструктивните активности се во тек, на една локација е завршено, а во дел во завршна фаза.

Исто така градоначалникот потенцираше дека во досегашниот период Општината инвестираше во училишната инфраструктура во делот на енергетската ефикасност,  фотоволтаични централи, замена на грејни системи, енергетски фасади.

Министерката за образование и наука Весна Јаневска рече дека во Битола заедно со Владата и локалната самоуправа, министерството спроведува над 16 инфраструктурни објекти за подобро инклузивно образование и за подигнување на квалитетот на образованието.

„Секако дека не радува фактот дека некаде 80 и повеќе деца нема повеќе да патуваат, односно ќе заштедат време за да можат да се посветат повеќе на учењето, а секако и ќе се заштедат средства за нивното патување од ова место во централниот дел на градот. Добро е учениците да го стекнуваат своето образование во местото на живеење и добро е што воопшто имаме ученици и дека се повеќе ќе имаме вакви моменти“ рече министерката Јаневска.

Таа кажа дека Владата во овие две години во Битола вложува над 450 милиони денари и ја најави реконструкцијата на Студентскиот дом и на Ресурсниот центар во Битола.

Премиерот Христијан Мицкоски рече дека продолжуваат и понатаму да бидат посветени на испорачување на проекти и нагласи дека тоa e еден од врвните приоритети.

„За жал изминативе децении направени се многу пропусти и за жал ги немаме сите ресурси на светот за да можеме сите тие пропусти да ги санираме, но се трудиме да работиме по приоритети и еден по еден да ги решаваме, а притоа да не создаваме нови проблеми, што се вели да работиме, да го оставиме срцето на терен, кој работи понекогаш и греши. Јас сакам однапред да се извинам за по некоја грешка која што ќе се направи во текот на работењето. Не греши само оној кој што ништо не работи. Во политиката има и такви кои се навикнати на гледање сеир, наместо да ги засукаат ракавите и да направат нешто за граѓаните, но тие секогаш ќе останат на маргините на политичката сцена и ќе бидат дел од естрадата, а ние кои што сме ги засукале ракавите и сме влегле во решавање на проблемите ќе продолжиме и понатаму да работиме“ рече премиерот Мицкоски.

Премиерот му честиташе на градоначалникот на општината, изрази благодарност и до советниците кои што ја поддржуваат работата на градоначалникот и на администрацијата, како и на пратениците од Битола за кои рече дека се борат за проект повеќе да биде реализиран и инвестиран во Битола.

Исто така истакна дека за него и Владата, Битола е еден од главните приоритети и ќе остане да биде еден од главните приоритети во иднина.

Scroll to Top