Фокус на капитални проекти: реконструкција на кино „Партизан“, изградба на нов влез во градот, нова боксерска сала и детска градинка во АРМ
Претседателот на Владата на Република Македонија, Христијан Мицкоски, заедно со Министерот за култура, Зоран Љутков и други претставници од Владата, денес остварија работна посета на општина Битола. Во рамките на посетата, беше означен почетокот на проектот за реконструкција на некогашното Кино „Партизан“, а беа посетени и неколку други објекти, кои како капитални инвестиции се реализираат во Битола. Увид од страна на Владината делегација беше извршен на Реконструкцијата на Центар за спорт и рекреативни активности (поранешна боксерска сала) – Проект поддржан во првиот повик на Владата, во вредност од над 40 милиони денари, Изградбата на детска градинка во АРМ и изградбата на влезот во Битола од Прилеп.
„Сакам да му честитам на градоначалникот за посветената работа досега и да му посакам така да продолжи и во иднина. Топлификацијата се завршува, се отпочнува пречистителна станица, инвестиции во улици, булевари, паркови, училишта, градинки, влезот во Битола, старото кино…Кога се ќе се анализира и собере, повеќе од 100 милиони евра влегуваат сигурно во Битола во периодот што следи. Да се заблагодарам на администрацијата во општината што ја следи работата, на советниците што ја поддржуваат работата на градоначалникот, на пратениците…Битола е во рамките на нашиот пераметар на најголем фокус, така било, така и ќе остане“, рече Претседателот на Владата, Христијан Мицкоски.
Министерот за култура, Зоран Љутков, нагласи дека со Владината поддршка, Битола повторно се враќа на пиедесталот на македонската култура.
„Почнуваме со реконструкција на поранешното кино, кое нема да биде само кино туку мултинаменски објект кој ќе може да се користи и за кино и за театар и за изложби и за други настани, а кој ќе биде и самоодржлив. Добро е што се наоѓа и помеѓу школи, бидејќи ќе биде посетено и доста од нив, со што ќе обезбедиме еден простор во кој покрај образованието младите ќе можат да ја следат културата и сами да креаираат. Во минатата година многу често зборувам за проблемите со кои се соочивме во капиталните проекти, а тоа е дека се соочивме со огромен број на проекти со раскинати договори, незаконска градба, без средства во текот на годината. Успеавме за скоро една година, на скоро сите капитални инвестиции да им обезбедиме соодветни услови за работа, кај дел за доизградба, дел за реконструкција. Такво е и поранешното Кино „Партизан“. За оваа инвестиција обезбедени се 96 милиони денари и е потпишана тригодишна јавна набавка и доколку динамиката оди побрзо, средствата ќе бидат побрзо обезбедени. Со ова покажуваме дека Битола е градот на културата, Битола е градот којшто има најмногу институции под Министерството за култура, а со овој објект покажуваме дека Битола, повторно ја креваме на пиедесталот на македонската култура“, изјави Министерот за култура, Зоран Љутков.
Градоначалникот, Тони Коњановски се заблагодари за големата поддршка од премиерот и Владата за Битола. Коњановски потенцираше дека, Битола во моментот има поддршка како никогаш досега:
„Во овој момент над десетина градилишта има во Битола, дел се отпочнати, дел ги почнуваме, дел ги завршуваме, се со цел она што го ветивме на граѓаните и она што го очекуваат, пред се во делот на инфраструктурата да го завршиме. На првиот повик од Владата, аплициравме со 16 проекти, 13 беа инфраструктура, 2 се во делот на спортот, ќе направиме увид на спортскиот центар познат како боксерска сала, на самиот влез во кругот на стадионот Петар Милошевски, каде ги отпочнавме работите, ќе добиеме прекрасна спортска сала, над 1000 метри квадратни, со цел боксерите кои нижат успеси да добијат адекватни услови за спортување, тука ќе има и карпа која ќе ја користат тие што се занимаваат со авантуристички спортови. Во секој случај од една руина таму ќе никне прекрасен објект вреден над 40 милиони денари. Отпочнати се и активностите на јужната трибина на стадионот „Петар Милошевски“, а после тоа ќе направиме увид и на еден од објектите поврзан со најгорливите прашања – капацитетите на детските градинки. Во моментот во Битола во изведба се 3 детски градинки, едната во комплексот АРМ, каде ја затекнавме само темелната конструкција – еден базен исполнет со вода, го решивме тој проблем, првата фаза е комплетно завршена, сега ќе направиме увид во втората фаза. Објект над 2000 квадрати, каде ќе се сместат 250 деца, ќе продолжат работите и кај детската градинка кај ОУ Климент Охридски, пред завршување е градинката во Мајчин дом. Потоа продолжуваме кај влезот на Битола, кој го иницира премиерот. Нема да згрешам ако кажам дека Битола 50- 60 години нема влез од страната на Прилеп. Ќе добиеме еден современ влез, после тоа следи фазата со реконструкција на мостот и уште останатите до 1300 метри до таблата Битола. После тоа останува делот кај клучката во соработка со Владата“, изјави градоначалникот Коњановски кој нагласи дека Општина Битола ја продолжува успешната соработка со Владата.
На денешната работна посета беше потенцирано, дека се очекува и изведувачите на работите, да се придржуваат на договорената динамика со цел навремено и квалитетно завршување на проектите.





