Градоначалникот на Битола Тони Коњановски заедно со претседателот на Регионалната стопанска комора Мирко Велковски го пречекаа вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски кој денеска во Битола присуствуваше на состанокот на Управните одбори на двете регионални стопански комори на Битола и Прилеп.

Акцентот на состанокот беше ставен на инфраструктурното поврзување на овој регион, за поголема помош и придобивка за уште поголем развој на стопанството.

На средбата присуствуваа и замениците министри за финансии и економија Николче Јанкуловски и Марјан Ристески, како и директорот на јавното претпријатие за државни патишта Коце Трајановски. Меѓу гостите и претседателот на Советот на Општина Битола Бојан Бојкоски, директори на јавните претпријатија и градоначалниците од овој регион.

Стопанствениците со пет точки за разговор. Главниот акцент ставен на изградбата на автопатот Прилеп-Битола, автопатот Дреново-Прилеп, обиколница Битола-граничен премин Меџитлија, обиколница Ресен-Охрид и железничкото поврзување со Грција.

Министерот за транспорт Николоски рече дека освен градоначалниците од општините од овој регион ќе разговараат со оние кои ја движат економијата, стопанството во пелагонискиот регион за да видат кои се актуелните предизвици.

Николоски зборуваше за динамиката со која се работи во делот на инфраструктурата, дека изградбата на автопатот кон Битола оди одлично, а најави нова железничка линија Прилеп-Битола-Жабени која ќе може да се користи во овој период додека трае изградбата на автопатот.



