Општина Битола

СВЕЧЕНО ОТВОРЕН ФУДБАЛСКИОТ ТЕРЕН „ПЕТАР УПАЛЕВСКИ-УПАЛЕ“

Градоначалникот на Битола Тони Коњановски вечерва присуствуваше на свеченото отворање на фудбалскиот терен кој го носи името на нашата фудбалска легенда „Петар Упалевски-Упале“.

Станува збор за донација на компанијата „Моцарт“ како дел од иницијативата „Фудбалот е повеќе од игра“, а досега вакви терени беа отворени во Охрид, Велес и Свети Николе.

На теренот истрчаа младите фудбалери на ФК „Пелистер“ ( зелениот и белиот тим ), а првиот шут го направи Петар Упалевски.

„Оваа донација како што беше кажано е дел од акцијата Фудбалот е повеќе од игра. Битола е спортски град, град на ракометот, фудбалот, кошарката, одбојката, куглањето и многу други спортови за кои како Општина даваме голема и силна поддршка, како на професионалниот така и на аматерскиот и училишниот спорт.

Светот од вчера живее за најважната споредна работа, а тоа е светското првенство, а ние вечерва сме со нашиот млад фудбалски свет.

Од мое име, од име на Општината и од име на граѓаните на Битола, голема благодарност за оваа донација“ рече меѓу другото во својот говор градоначалникот на Битола, Тони Коњановски.

Донаторот изрази голема благодарност до градоначалникот на Битола, за кој беше речено дека веднаш ја препозна убавината на овој проект и даде зелено светло за изградба на овој терен кој се наоѓа кај стадионот „Петар Милошевски“.

Scroll to Top