Проектот „Сончеви училишта“, продолжува со нови активности и проширување на опфатот со уште три основни училишта во Битола. Со потпишувањето на анексот за продолжување на договорот, активностите во рамките на проектот се прошируваат и на основните училишта „Св. Климент Охридски“, „Даме Груев“ и објектот наречен Турско училиште „Гоце Делчев“, со што се продолжува процесот на унапредување на енергетската ефикасност и користењето на обновливи извори на енергија во општинските образовни установи.

Во ОУ „Св. Климент Охридски“ беше извршен технички увид и примопредавање на фотонапонската централа со инсталирана моќност од 40 kW, во присуство на претставници на изведувачот, претставници на донаторите – Фондацијата Отворено општество Западен Балкан, градоначалникот на Општина Битола, Тони Коњановски, како и претставници на општинската администрација.

Градоначалникот Коњановски изрази задоволство од досегашната соработка и резултатите што ги дава проектот, нагласувајќи дека ваквите инвестиции имаат повеќекратно значење за општината и училиштата. Покрај директните финансиски заштеди преку намалување на трошоците за електрична енергија, производството на електрична енергија од сонцето придонесува и за намалување на емисиите на штетни гасови и заштита на животната средина. Особено значаен е и едукативниот аспект на проектот, преку кој учениците и наставниот кадар добиваат можност непосредно да се запознаат со придобивките од обновливите извори на енергија, енергетската одржливост и одговорниот однос кон

Во првата фаза од проектот „Сончеви училишта“, реализирана во 2024 година, фотонапонски централи беа поставени на шест основни училишта во општина Битола: „Елпида Караманди“, „Стив Наумов“, „Коле Канински“, „Св. Кирил и Методиј“, „Александар Турунџев“ во село Кукуречани и „Крсте Петков Мисирков“ во село Бистрица.

Според претходно објавените податоци, проценетите годишни заштеди од првичната реализација на проектот во Битола изнесуваат околу 15.000 евра. Остварените заштеди остануваат значаен ресурс за училиштата, бидејќи средствата може повторно да се насочат кон подобрување на условите за настава и реализација на проекти според потребите на училишните заедници.

Со продолжувањето на проектот, Општина Битола ги продолжува активностите за енергетска транзиција и создавање поодржливи, енергетски поефикасни и еколошки одговорни образовни установи.




