Од првите акорди на пробите, до големата натпреварувачка сцена, од регионално прво место, преку државни шампиони, до освојување на интернационалниот музички натпревар „Art In 2026“ .

Ученичките од ООУ „Гоце Делчев“ Битола, Мила, Меланија, Лана, Димитра, Николија и Искра од училишен бенд и нивниот ментор наставничката Марија Арсиќ испиша приказна што ќе се памети.

Тие и хористите од ова училиште денеска имаа прием во кабинетот на градоначалникот на Битола Тони Коњановски, кој им честиташе за нивниот голем успех, посакувајќи им и други успеси во наредниот период.

Во конкуренција на талентирани млади музичари од повеќе држави од регионот и светот, учениците од ова училиште повторно се искачија на пиедесталот и освоија прво место. Секој настап беше исполнет со сигурност, страст и желба да се даде максимумот на сцената, а така беше и во Кавадарци.

Велат дека се горди што преку музиката достојно го претставија нивното училиште, градот Битола и Република Македонија.

Претходно хорот на училиштето на Државниот хорски натпревар во Кавадарци уште еднаш покажа што значат посветеност, талент и љубов кон музиката.
„Со многу труд, дисциплина и срце вложено во секоја проба, нашите ученици блеснаа на сцената и заслужено го понесоа највисокото признание. Горди сме на секој отпеан тон, на секој насмевнат лик и на секој момент што нè доведе до овој голем успех. Оваа победа е круна на заедничкиот труд, музичката страст и тимскиот дух што нашиот хор го носи со себе“ велат од училиштето.


