Општина Битола

БИТОЛА ГО ОДБЕЛЕЖУВА „4 НОЕМВРИ“ ДЕНОТ НА ОСЛОБОДУВАЊЕТО НА ГРАДОТ

Програмата за одбележување на „4 Ноември“ Денот на ослободувањето на Битола продолжи со полагање свежо цвеќе пред Споменикот на НОАВМ пред Центарот за култура, Споменикот на народниот херој Стив Наумов и на Партизанските гробишта.

Пред спомен обележјата, почит оддадоа, градоначалникот на општина Битола Тони Коњановски, претседателот на Советот Бојан Бојкоски, заменик градоначалничката на Битола Марина Крстиќ, советници, Сојузот на борци, претставници на збратимените градови Стари Град – Белград од Србија, Херцег Нови од Црна Гора, Плевен од Бугарија и Бурса од Турција, како и нашите пријатели од Демре, во регионот Анталија, Турција, со кои започнуваме пријателска соработка, потоа претставници на политички партии и здруженија на граѓани.

Градоначалникот Коњановски, испрати честитка до присутните гости и сите жители на општина Битола.

„Денес е голем ден за Битола, исто како што беше пред 82 години во 1944 година кога градот беше ослободен од тогашниот окупатор.

Тогаш се славеше победата на Народно ослободителната антифашистичка војна со војници кои победнички маршираа низ улиците на Битола, а граѓаните ги поздравуваа и им се восхитуваа на нивната пожртвуваност и храброст.

Денес градот ја истакнува должната почит кон луѓето кои ги дале своите животи за слободата во изминатите децении и денешна слободарска Битола.

Нека ни е честит 4 Ноември-Денот на ослободувањето на Битола“, стои во честитката на градоначалникот на Битола.

Вечерва во Центарот за култура ќе се одржи Свечена академија на која ќе бидат доделени четвртоноемвриските награди, а потоа и музичко-сценскиот перформанс „Полноќни приказни од Офицерскиот дом“.

Scroll to Top