Општина Битола

БИТОЛА ДОБИВА НОВ БУЛЕВАРСКИ ВЛЕЗ ОД СТРАНАТА НА ПРИЛЕП

Почитувани битолчани, драги сограѓани,

Битола заслужува современи решенија, инфраструктура која одговара на нејзиното значење и изглед кој ја претставува како европски град. Затоа, еден од најзначајните капитални зафати во последните години е токму проектот за булеварскиот влез во Битола од страната на Прилеп – проект кој значи нова динамика, ново урбано лице и целосно нова функционалност на овој дел од градот.

Овој влез беше со години една од најболни точки за Битола – делница што не ѝ доликуваше на нашата историја, традиција и иднина. Денес, тоа се менува со цел да имаме модерен, функционален и достоинствен влез кој ќе биде симбол на еден нов развоен период.

На потегот од бензинската пумпа „Лук Оил“,до самиот влез во градот според ГУП, се реализира реконструкција на коловозот во должина од 1,3 километри.

На првата фаза, во должина од 840 метри, се финализираат активностите, кои ја опфаќаат изградбата на булеварски влез со ширина од 27,5 метри. Булеварот се состои од два коловози со ширина од по 7,5 метри, одвоени меѓусебно со урбано уредена разделна површина. Дополнително од двете страни, булеварскиот влез опфаќа пешачки и велосипедски патеки со ширина од 5,5 метри, надополнети со ново улично осветлување, со што ќе се заокружи целината на оваа инфраструктурна инвестиција.

На оваа реконструкција и претходеше изградба на атмосферска канализација, како и реконструкција и дислокација на мешовита канализација во должина од 732,30 метри. Се изработија и куќни приклучоци за мешовита канализација со должина од 88 метри, како и нова водоводна мрежа на овој дел.

Втората етапа на реализација на булеварскиот влез, ќе ги опфати истите градежни активности, кои вклучуваат реконструкција на канализационата и водоводната мрежа, нови коловози, тротоари и велосипедски патеки. Градот ќе блесне со ново улично осветлување од над 1300 метри. Булеварскиот влез од страната на Прилеп е првиот впечаток кој го има секој кој доаѓа во нашиот град.

Почитувани,

Во оваа прилика сакам искрено да се заблагодарам на жителите кои живеат на овој потег. Свесни сме дека реализацијата на ваков капитален проект не беше едноставна за нивното секојдневие – имаше пречки во движењето, промени во пристапите и временски непријатности. Но токму нивната трпеливост, коректност и разбирање се клучни за заеднички да стигнеме до целта – нов, современ и достоинствен влез во градот, кој ќе значи подобра локација и повисок квалитет на живот не само за нив, туку и за сите жители и посетители на Битола.

Работиме со максимална посветеност за што побрзо да го завршиме овој проект и Битола конечно да добие булеварски влез каков што заслужува – влез што ќе го одразува карактерот, традицијата и иднината на нашиот град.

Ви благодарам.“

Scroll to Top