Општина Битола

НОВА МАЈСКА ФЕСТИВАЛСКА ПРИКАЗНА, ВИНСКИ ФЕСТИВАЛ ВО БИТОЛА

Битола добива нова мајска фестивалска приказна, во која виното, музиката и градското дружење ќе се спојат на едно од најпрепознатливите места во градот, платото пред Офицерски дом. Од 7 до 9 мај ќе се одржи првото издание на Вински фестивал Битола.

Организаторите најавија дека фестивалот е замислен како нов градски настан што треба да ја надополни културно-забавната понуда на Битола и да создаде уште еден повод за дружење, дегустација и уживање во отворена фестивалска атмосфера.

Деталите за првото издание ги соопштија, градоначалникот на Општина Битола, Тони Коњановски, директорот на ЈОУ КИЦ Битола – Офицерски дом, Димитар Михајловски, претставникот на организацијата на Вински фестивал Битола, Пане Темовкако и претставник на бендот Паркети, кој е дел од музичката програма на фестивалот.

„Очекувам прекрасни фестивалски денови, се надевам дека и времето ќе не послужи. И со ова Битола на туристичката мапа на Македонија уште еднаш се етаблира како град на културата, отворен град и за посетителите кои што ги очекуваме во голем број со една новина за градот Винскиот фестивал“ рече градоначалникот на Битола Тони Коњановски.

Директорот на ЈОУ КИЦ Битола – Офицерски дом, Димитар Михајловски, посочи дека Офицерски дом е простор кој има посебна симболика за Битола.

„Затоа ни е важно тука да ги привлечеме новите настани кои ја зближуваат публиката. Винскиот фестивал Битола носи токму таква енергија, културна, музичка и градска“ истакна директорот Михајловски.

Според Пане Темов претставникот на организацијата на Вински фестивал,  амбицијата е фестивалот да прерасне во препознатливо случување за Битола.

„Сакаме да ја презентираме винската култура во Македонија, бидејќи во светот сме познати како винска земја, мислам дека во Македонија треба да го прошириме овој културен момент. Ова го сметаме како една додадена вредност за културата и туризмот во Битола“ рече Темов.

Фестивалската програма е замислена како спој на различни музички вкусови и генерации. На сцената пред Офицерски дом ќе настапат повеќе домашни изведувачи, меѓу кои резидент диџеј, B52, „Пауза за ракија“, DJ Александар Јорданов,„ Lockdown“, „Оркестар DIVA“, DJ Гоце Саф, „Zdrave Music“, „Љубојна“ и „Паркети“.

Претставникот на бендот „Паркети“ најави дека настапот на фестивалот ќе биде дел од финалната вечер и дека публиката може да очекува концертна енергија што одговара на отворениот, градски карактер на настанот.

Новиот директор на КИЦ најави дека кон крајот на мај ќе организираат саем на средните училишта и музички хепенинг, наменет за полуматурантите и нивна поддршка во полесен избор кон средното образование.

Градоначалникот на Битола соопшти дека Културниот и информативен центар КИЦ Битола годинава ќе биде за прв пат организатор на Битолското културно лето Битфест кое ќе се одржи по 18-ти пат.

„Досега организатор беше Општина Битола со своите партнери, односно културни институции, а ова година, односно ова лето Битфест ќе биде прв голем настан за Културниот и информативен центар како организатор и реализатор на Битолското културно лето“ рече градоначалникот на Битола.

Scroll to Top