Голема првоодделенска забава денеска беше организирана во градскиот парк во Битола. Втора година по ред се случи „Училишната приказна“ каде Општина Битола и поддржувачите на настанот им посакаа успешна година на првоодделенците од Општина Битола.

Возење со „Мечо“, дружење со ЗАГИ, училишни точки, подароци, беа дел од содржините организирани за оние кои зачекорија во светот на учењето и знаењето.

Од име на Општина Битола на првачињата, нивните семејства и наставници, успешна учебна година им посака секретарот Борче Димитровски, истакнувај ја важноста на 1 септември – ден кога се слават првите училишни чекори, новите пријателства и големата желба за знаење.
„Драги првоодделенци, голема е радоста што денеска заедно со вас сме на оваа училишна приказна, на почетокот на вашето училишно патување кога се отвораат вратите кон светот на знаењето. На ова патување ќе научите и да читате и да пишувате, но и да се дружите со новите пријатели. Знаењето е клуч кој ги отвара големите врати. А, ние како Општина максимално се грижиме за да имате убави услови за учење во вашите училишта. Постојано инвестираме и вложуваме во образованието, а изградивме и градиме нови спортски училишните терени и нови спортски училишни сали. Веруваме дека тоа е вистинската инвестиција каде ќе го градите својот спортски дух.
Во мое и во име на градоначалникот Тони Коњановски ви посакувам успешна година, радосни, среќни, вредни и упорни да бидете во светот на образованието“, им порача секретарот на општината.

Димитровски исто така им посака успешен и среќен почеток на сите ученици од повисоките одделенија и класови.

Со настанот „Училишна приказна“, Градскиот парк денеска блесна со убава енергија на радост и нови почетоци.

Настанот го организира Општина Битола во соработка со ЈП „Паркинзи“ и поддржувачите: Зоолошка градина, Културно Информативен центар, НУУБ „Свети Климент Охридски“ Црвен Крст, АМД „Ѓорѓи Наумов“, „БиМилк“ и „Пелистерка“.

Пораките од овој настан беа дека на 1 септември ги славиме првите училишни чекори и радоста на новите другарства.













