Советот за превенција од детско престапништво при Општина Битола одржа едукативна средба со членовите на стручните служби од основните и средните училишта, на која беше претставен и споделен „Прирачник за обука на стручните служби во училиштата за препознавање, превенција и соодветно постапување во случаи на малолетничка деликвенција“, кој произлезе од превентивните активности на тимот за превенција при ОСПДП, во состав: Жанета Ристевска – лиценциран психолог, Силвана Дејаноска – правник и Митко Бошевски – адвокат.

Прирачникот претставува прв ваков документ во државата и е наменет како практична алатка за стручните служби во училиштата при справување со секаков вид на девијантни однесувања.
Целта на едукацијата беше зајакнување на знаењата, капацитетите и механизмите за препознавање, превенција и соодветно постапување во случаи поврзани со малолетничка деликвенција и ризично однесување кај децата и младите.
На настанот присуствуваше градоначалникот на Општина Битола, д-р Тони Коњановски, кој ја истакна работата на Општинскиот совет за превенција од детско престапништво и превентивните активности што континуирано ги реализира. Тој упати особена пофалба за изработката и споделувањето на Прирачникот, оценувајќи го како прв и единствен ваков документ на национално ниво, кој ќе придонесе за поголема ефикасност во справувањето со сите форми на девијантно и ризично однесување кај младите.

За значењето на Прирачникот и активностите на Советот зборуваше претседавачот на Општинскиот совет за превенција од детско престапништво, м-р Жанета Ристевска, а свои обраќања имаа и Силвана Дејаноска од Основниот суд Битола, заменик-претседавач на Советот и заменик-претседавачот на Советот, Митко Бошевски, претставник на Адвокатската комора, кој го претстави Прирачникот.

Прирачникот беше споделен со стручните соработници во училиштата, а од наредната учебна година се очекуваат нивни предлози и сугестии за негово дополнување и унапредување, согласно практичните потреби и искуствата од терен. Неговата официјална промоција ќе биде реализирана во наредниот период.




