Општина Битола

ЗАВРШНА КОНФЕРЕНЦИЈА НА ПРОЕКТОТ „МЛАДИНСКИ ПОЛИТИКИ ПО МЕРКА НА МЛАДИТЕ“

Денеска во Битола се одржа завршната конференција на проектот „Младински политики по мерка на младите”, кој „Про Локал“ го имплементира со поддршка од Владата на Швајцарија преку програмата „Цивика мобилитас“.

Завршниот настан претставуваше можност за заедничко одбележување на реализираните активности и постигнатите резултати, како и за презентација на клучните наоди и искуства произлезени од имплементацијата на проектот, со посебен фокус на унапредувањето на младинското учество и креирањето политики кои одговараат на реалните потреби и приоритети на младите.

На настанот присуствуваше и се обрати министер во Министерството за социјална политика, демографија и млади Ѓоко Велковски, со што дополнително се истакнува значењето на младинското учество и на локалните иницијативи во креирањето и унапредувањето на младинските политики.

„Ова е пример дека кога младите се дел од процесот, нивните идеи можат да се претворат во реални промени. Како Министерство, продолжуваме да креираме младински политики засновани на реални потреби, податоци и директен дијалог со младите. Ако сакаме младите својата иднина да ја гледаат овде, мора да создадеме можности и средина во која нивниот глас навистина има значење“ рече министерот Велковски.

Во своето обраќање градоначалникот на Битола Тони Коњановски рече дека младите во нашиот регион немаат исти услови во зависност од тоа дали живеат во урбаните средини како Битола и Прилеп или во помалите и руралните средини како Новаци, Могила, Долнени, Кривогаштани, Крушево или Демир Хисар. Но, според него, правото на секој млад човек да биде слушнат, да има услови за развој и да остане во својот роден крај мора да биде исто за сите.

„Токму затоа најголемата вредност на оваа иницијатива беше што младите не беа само статистички податок или некој кого го прашуваме само заради формалност. Тие беа рамноправни партнери кои ги креираа решенијата на проблемите со кои се соочуваат во местото на живеење. Низ процес во кој беа директно консултирани стотици млади, нивните потреби не останаа само на хартија. Конкретните идеи ги преточивме во 24 усвоени мерки на регионално ниво, од кои 13 веќе се реализирани. Тоа е вистински доказ дека кога локалната власт ги слуша граѓаните, работите се придвижуваат од мртва точка.

Како градоначалник, длабоко верувам дека општините самите не можат сè. Тука е клучната улога на граѓанскиот сектор – луѓето од организациите како „Про Локал“ и останатите осум локални граѓански организации се постојано на терен, ги чувствуваат и ги разбираат потребите на младите подобро од која било административна служба. Ние, како локални самоуправи, ги имаме инфраструктурата, буџетите и институционалната одговорност“ истакна градоначалникот на Битола.

Поздравни говори имаа и Александар Кржаловски, директор на Македонски центар за Меѓународна соработка и Емилиа Ѓероска, претседателка на Про Локал.

На денешниот настан и свечено доделување на наградените бизнис иноватори од Пелагонија на Регионална Платформа за Млади – Регионален натпревар на иновативни бизнис идеи за младите од Пелагонискиот регион.

Scroll to Top