Градоначалникот на Битола Тони Коњановски денеска учествуваше и се обрати на завршниот мултипликативен настан во рамките на Еразмус+ проектот „GivEUvoice – Materializing Youth Voices Across European Spaces” ( GivEUvoice – Остварување на гласовите на младите низ европските простори), финансиран од Европската Унија преку програмата Еразмус+.

Проектот има за цел да го зајакне учеството на младите во процесите на донесување одлуки, да поттикне соработка помеѓу младите, граѓанските организации и локалните самоуправи и да придонесе кон развој на младинските политики во периферните региони на Европа.

Во своето обраќање градоначалникот им порача дека тие како млади се двигател на промените во нашето општество и дека нивните идеи, енергија и труд имаат вредност и значење.

„Верувајте во себе, поддржувајте се меѓусебно и не се откажувајте при првата пречка. Во рамките на Општина Битола постои Локален младински совет кој будно ги следи сите процеси во нашиот град, работата на локалната самоуправа и Советот на Општина Битола и заедно ги креираме политиките кои ги засегаат младите. Со поддршка на Општината функционира и Младинскиот центар со кој раководат неколку невладини организации, а кој е место каде што младите можат да се активираат, информираат и едуцираат во повеќе области“ рече градоначалникот Коњановски.

Општина Битола има потпишано и меморандум за соработка со „СФЕРА Интернешнал“ со што заеднички се потврдува заложбата за унапредување на младинското учество и развојот на локалните младински политики.



