Општина Битола

ЗЛАТНА КАМЕРА 300 ЗА КИНЕМАТОГРАФЕРОТ ЛУКАШ ЖАЛ НА 47-ТО ИЗДАНИЕ НА ФЕСТИВАЛОТ „БРАЌА МАНАКИ“

Изминативе денови публиката во Битола имаше можност да гледа рекорден број филмови со висока естетска вредност. Учесниците не штедеа зборови во пофалбите на сцената.

Оскаровецот Воли Фистер, кој годинава го предводи жирито во официјалната селекција за Камера 300 заедно со Семи Капланоглу, Давид Шамбиј и Наташа Петровиќ рече дека доаѓа од Холивуд каде се се врти околу парите, а кога дојде овде во Битола на фестивалот виде уметност на големото платно и тоа го воодушеви.

На свечената церемонија беа соопштени наградените. Златна камера 300 доби кинематограферот Лукаш Жал за филмот „Татковина“ на Павел Павликовски.

Сребрена камера 300 доби кинематограферот Жонгчијанг Лианг за „Непозната девојка“, а Бронзена камера 300 му припадна на Пол Спенгеман за филмот „До крајот на денот“.

На присутните на свеченото затворање им се обрати директорот на фестивалот Димитрија Доксевски кој рече дека во изминативе седум дена се случи љубов, почит, забава…гледавме филмови, ги учевме децата да го сакаат филмот, гледавме мастеркласови, работилници, огромен број кинематографери.

„Навистина сум многу горд и среќен сум што ова издание многумина од нас ќе го паметат цел живот. Имам многу идеи и мојот тим се потруди тоа да го реализира. Да живее „Браќа Манаки“ со многу љубов и многу почит, рече Доксевски заблагодарувајќи се на тимот и на публиката.

За наградата Кристална камера 300 за студентската камера селектирана од Ханис Багашов одлучуваа Ана Сари, Елеонора Венинова и Мајкл Чонг. Наградата ја доби кинематограферката Милда Јуодвалките за филмот „Зад ридот на Наполеоновата капа“ за „емоционалната интелигенција со која „нè воведува во приказната, водејќи нè низ спомените и сегашноста“

Селекцијата на кратките филмови направена од Марија Апчевска и Атанас Велковски ја оценуваше истото жири и Мала златна камера 300 му додели на Хулијан Амару Естрада за филмот „Никој не го познава светот“ за „креативна разновидност со која камерата ја доловува суровата природа на општествената реалност и автентично го прикажува еден тежок свет“.

Документарната програма ја селектираше Кумјана Новакова одлучуваше жирито во состав Дани Салал, Ивана Хаџиевска и Лука Коасин.

Железна камера 300 ти им доделија на двајца добитници: Бенџамин Ечазарета за филмот „Кракатауа“ и Максим Катари за „Убавината на магарето“.

Лауреатите се заблагодарија од сцената во Битола и изразија среќа и задоволство што се дел од фестивалот годинава.

Специјално признание доби и кинематограферот Ала Кеир за филмот „Ништо не се случува по твоето отсуство“, за „вклопувајќи ја пустината во формат на слика 1.33, со ограничена опрема и специфична мизансцена, снимателот Ала Кеир испраќа силна порака: филмот е сведок на реалноста на луѓето“.

На затворањето на фестивалот беше македонската премиера на филмот „Нема да ви се верува што се случи претходно“ на режисерот Срѓан Јаниќијевиќ.

Scroll to Top