Општина Битола

МИНИСТЕРОТ ЗА ЗЕМЈОДЕЛИЕ И ПРЕТСЕДАТЕЛОТ НА СОВЕТОТ НА МАНИФЕСТАЦИЈАТА „ДЕНОВИ НА МАКЕДОНСКОТО ПЧЕЛАРСТВО“

На плоштадот „Магнолија“ во Битола од денес се одржува 29-та манифестација „Денови на македонското пчеларство“, во организацијата на пчеларското здружение „Нектар“ од Битола.

Манифестацијата беше посетена од министерот за земјоделие, шумарство и водостопанство, Борче Серафимовски, кој додели осум решенија за упис на корисници на заштитената географска ознака „Мариовски мед“.

„Нашите пчелари знаеме дека вредно работат, исто како и пчелите и не случајно се заедно, едни со други во партнерски однос и произведуваат еден прекрасен, одличен мед, кој што е препознаен и во регионот, а слободно можам да кажам и пошироко и ние како министерство стоиме во партнерски однос заедно, секогаш кога има и каде има потреба да застанеме заедно и да се соочиме со сите предизвици. Имаме година каде што има намалени количини во производство на мед, но сепак климатските промени мораме да разбереме дека се реалност и ние нормално треба да се прилагодуваме кон истите и сите позитивни практики кои ги имаме и сите научни испитувања кои што се во делот на пчеларството мораме да ги применуваме, за да дојдеме до една позитивна пракса која што ќе ни даде нов пристап кон пчеларството, а нормално и зголемување на приносите“, истакна министерот Серафимовски.

Во име на Општина Битола на манифестацијата присуствуваше претседателот на Советот Бојан Бојкоски, кој кажа дека општината во континуитет дава поддршка на ваквите настани.

„Ќе продолжиме да ја даваме истата поддршка која што ја дававме и досега. Се надеваме дека наредната јубилејна година на 30 годишнината на манифестацијата, ќе имаме и поголем број на производители и се разбира локалната самоуправа во делот на надлежностите кои што ги има, најголем дел од надлежностите се во комуналната инфраструктура, Општина Битола како едно централно, урбано подрачје, континуирано вложува во руралните средини преку изградба на сите оние пристапни патишта, локална инфраструктура, водовод, канализација, со цел жителите кои што живеат во тие рурални средини да останат во местата на живеење, да не ги напуштаат истите, односно да немаме како што беше во изминатиот период миграција село-град“, рече Бојкоски.

Манифестацијата ќе трае до 10 октомври.

Scroll to Top