Новогодишна приредба на учениците Основното училиште со ресурсен центар „Кочо Рацин ” – настан како дел од овогодинешната „Зимска приказна“, традиција што го збогатува празничниот дух на магичната Битола. Особена чест и радост е што оваа година ОУРЦ „Кочо Рацин“ е дел од битолската празнична незаменлива магија.

На малата сцена во Центарот за култура се случуваше не само една обична театарска претстава. Во публиката беше и градоначалникот на Битола, Тони Коњановски.

Со присутните беше споделена „Новогодишната желба на Анабел“ – желбата на едно мало теле кое стана ирвас и едно момче што не зборува кое го доби својот глас, емотивна приказна по истоимениот долгометражен детски филм за надежта, за добрината, за љубовта.

Преку уметноста, театарот и играта учениците пренесоа дека празниците се тука да нè потсетат да посакуваме, но и да даваме.

„Да бидеме поддршка, да бидеме насмевка, да бидеме ѕвездена светлина. Посакуваме оваа празнична приказна да потсетува на вистинските вредности и исполнува со верба во чудесија“ е пораката која денеска беше испратена.

На присутните им се обрати директорката на училиштето Драгана Кирковска, а градоначалникот на Битола доби благодарница, новогодишна честитка и новогодишен украс изработени од страна на учениците.



