Денес, точно напладне во организација на Здружението „Ромска ѕвезда“-Битола, на Плоштадот Магнолија, се одржа културно – забавна програма по повод одбележувањето на 8-ми Април меѓународниот ден на Ромите.

Претседателот на здружението Џевдет Џеловски, на сите припадници на ромската заедница им го честиташе денешниот празник и изрази благодарност до Општината за поддршката што ја добиваат преку реализација на различни проекти.
Од име на општината пред присутните се обрати заменик градоначалничката на Битола Марина Крстиќ.

„Денеска сме собрани да го одбележиме 8-ми Април Меѓународниот ден на Ромите, ден кој не потсетува на историјата, културата, традицијата, но и на борбата за еднаквост, достоинство и правда на ромската заедница ширум светот.
Овој ден не е само симболичен. Тој е потсетник дека општеството во кое живееме треба да биде праведно за сите без разлика на етничка припадност, јазик или социјален статус. Ромската заедница е нераскинлив дел од нашето општество, со богато културно наследство, силен дух и значаен придонес во сите сфери на животот.

Но, истовремено, мора искрено да признаеме дека предизвиците сe уште постојат. Токму затоа, овој ден треба да биде и повик за акција.
Нашата заедничка обврска е да создадеме услови во кои секој човек ќе има еднакви можности да успее. Да градиме општество засновано на почит, солидарност и еднаквост. Да вложуваме во образование, да поттикнуваме вклученост и да ги рушиме стереотипите кои создаваат поделби.

Денес, оддаваме почит на истрајноста на ромската заедница, на нејзината култура, музика, јазик и традиција. Но уште поважно ја потврдуваме нашата заложба дека ќе продолжиме да работиме заедно за подобра иднина за сите.
Нека 8-ми Април биде не само ден на одбележување, туку и ден на нашата посветеност кон еднаквоста, правдата и човечкото достоинство“ рече Крстиќ.
На прославата на денот присуствуваа и советници од Советот на Општина Битола.





