РАБОТНА СРЕДБА НА ГРАДОНАЧАЛНИКОТ КОЊАНОВСКИ И ПРЕТСЕДАТЕЛКАТА НА СОВЕТОТ ИЛИЕВСКА СО ПРЕТСТАВНИЦИ НА ВЛАДАТА

РАБОТНА СРЕДБА НА ГРАДОНАЧАЛНИКОТ КОЊАНОВСКИ И ПРЕТСЕДАТЕЛКАТА НА СОВЕТОТ ИЛИЕВСКА СО ПРЕТСТАВНИЦИ НА ВЛАДАТА

Градоначалникот на Општина Битола, Тони Коњановски и Претседателката на Советот на општината Габриела Илиевска, денес остварија работна средба со високите претставници на Владата на Република Македонија и тоа: Љупчо Николовски, Заменик на претседателот на Владата, Горан Милевски, Министер за локална самоуправа, Благој Бочварски, Министер за транспорт и врски, Јетон Шаќири, Министер за информатичко општество и администрација, Гоце Георгиевски, претседател на Комисијата за проценка и утврдување на висината на штетата од елементарни непогоди, како и пратеничките  Силвана Ангелевска и Бисера Костадиновска – Стојчевска.

Главна тема на денешната работна средба, беше состојбата во Битола, после серијата земјотреси кои се случија на 9 јануари, како и начинот и процедурите кои треба да се спроведат за надомест на штетите.

Градоначалникот Коњановски, ги информираше владините претставници, дека од страна на општина Битола, процедурите се веќе отпочнати со формирањето на комисија за проценка на штетите од земјотресот. Коњановски додаде, дека денес, од негова страна е остварена средба со претставници на ИЗИС, кои заедно со комисијата за проценка на штети, веќе се на терен и работат на увид на состојбите.

Денешната посета од страна на претставниците на Владата доаѓа и по донесениот Заклучок од страна на Советот на Општина Битола и испратеното барање од страна на претседателката на Советот Габриела Илиевска за одржување на итна седница на Владата, на која ќе се разгледа состојбата во Општина Битола после земјотресот и ќе се донесе Одлука за обезбедување средства за санација на штетите предизвикани од земјотресот, имајќи предвид дека дел од оштетените објекти се во надлежност на централната власт.

Главна заложба на локалната самоуправа е да се постигне навремено завршување на процедурите и обештетување на граѓаните, како и навремена санација на штетите на повеќе објекти, меѓу кои и: клиничката болница, детските градинки и образовните институции.

На средбата, од страна на Општина Битола, беше отворено и прашањето за неисплатениот надомест на штетите од невремето во Битола во 2018 година, за што од страна на претставниците на Владата беше даден одговор дека оваа постапка ќе биде завршена, согласно методологијата.

Градоначалникот Коњановски, го отвори и прашањето поврзано со проблемот со електричната енергија и високите сметки за струја, за што од Владините претставници, доби информација, дека на оваа тема конкретен владин став се очекува идната недела.