Општина Битола и Фудбалската федерација на Македонија професионално и во потребните рокови го завршија процесот на реновирање и приспособување на стадионот „Петар Милошевски“ за одигрување на меѓународни натпревари од високо ниво. Стадионот ја помина инспекцијата на Европската фудбалска унија (УЕФА) и доби лиценца за втора категорија, што вклучува меѓународни натпревари и на клупско и на репрезентативно ниво.
Стадионот „Петар Милошевски“ во Битола со оваа лиценца и официјално на 9. септември ќе биде домаќин на квалификацискиот натпревар за Европското првенство, во кој репрезентацијата на Македонија до 21 година ќе се соочи со селекцијата на Италија.
Во процесот на комплетирање на стадионот реконструирана е јужната трибина, поставени се нови столчиња, осветлување и соодветна адаптација на истата, целосно е обновена и обложена патеката (просторот меѓу теренот и трибините), службените простории и медија делот се целосно опремени со мебел и потребен инвентар, набавени се нови клупи за резервни фудбалери, уреден е ВИП просторот, а стадионот доби и донација од ФФМ на современ ЛЕД семафор. Дополнително, теренот е обновен со механизација и лица ангажирани од федерацијата, со што е обезбедена максимална подготвеност за претстојниот натпревар.
Вложувањата и направените интервенции претставуваат значаен чекор за развојот на инфраструктура и за афирмација на фудбалот во Битола и регионот. Изразуваме благодарност до сите професионалци на Општина Битола, Фудбалската федерација на Македонија и ФК Пелистер кои веќе извесен период се вложија максимално за исполнување на целта и добивањето на потребната лиценца на УЕФА. На овој успех нема да застанеме и напорно ќе работиме за подобување на сите услови на и околу стадионот како би имале уште поубав дом за спортските натпревари.


