Општина Битола

50 ГОДИНИ ПРИЈАТЕЛСТВО И СОРАБОТКА МЕЃУ БИТОЛА И ХЕРЦЕГ НОВИ

Градоначалникот на Битола Тони Коњановски во Херцег Нови, Црна Гора присуствуваше на свеченоста за одбележување на пет децении пријателство со потпишувањето на Меморандумот за потврдување на соработката.

Битола и Херцег Нови официјално воспоставија соработка, односно се збратимија во 1976 година.

Домаќинот, претседателот на Општина Херцег Нови, Стеван Катиќ, изјави дека средбата има посебно значење бидејќи на 21 октомври 1976 година била потпишана Повелбата за пријателство со општините.

Со овој меморандум градоначалниците и претставници на општините Бања Лука, Крањ, Земун и Херцег Нови и Битола го официјализираа продолжувањето на партнерските односи.

Како што истакна тој, Херцег Нови е отворен за соработка – културен и спортски центар што го посетуваат светски познати уметници, и како таков, секогаш е подготвен за размена на идеи и примери на добра практика.

Градоначалникот на Општина Битола, Тони Коњановски, истакна дека потпишувањето на новиот Меморандум е потврда за искрената желба за соработка во многу области.

„Во изминатите години, соработката се интензивираше преку реализација на повеќе настани и активности, на кои присуствуваме не само како официјални делегации, туку и како граѓани на двата града. Со садењето на дрвото на пријателството, подадовме рака за нашата заедничка иднина, за желбата да бидеме поблиски, да си помагаме едни на други и, пред сè, цврсто да стоиме на темелите на заедништвото, пријателството и визијата за иднината. Битола е град со богата историја и традиција, кој гради мостови на пријателство“, потсети Коњановски.

На потпишувањето му претходеше симболичен чин – садење дрво на пријателството на влезот во паркот „Бока“.

Церемонијата беше заокружена со концерт на кој беше изведен богат репертоар од традиционални и класични композиции, како и преработки на светски хитови, за што публиката ги награди со овации и аплаузи.

Scroll to Top