Делегација од стопанственици и претставници од економско-индустриската зона „Тире“ предводена од градоначалникот на Тире, Хајати Окуроглу, како и Мехмед Надир Деликанли, Претседател на бордот на Стопанската комора на Тире и Метин Акташ, Претседател на бордот на претприемачи на Индустриската зона во Тире, денес ја посетија Општина Битола, каде остварија средба со заменик градоначалникот на Битола, Бојан Бојкоски, претседателот на Регионалната стопанска комора, Мирко Велковски и други претставници на комората.
На средбата, од страна на Бојкоски, делегацијата беше запозната со можностите за инвестирање во Индустриската зона „Жабени“, поранешната касарна, како и во делот на потпелистерието, за кој општината има донесен урбанистички план. Бојкоски, информираше и за заложбите на локалната самоуправа за развој на туризмот, нагласувајќи дека во тек е изготвување на физибилити студија за изградба на гондола на Пелистер, како значајна можност за развој на туризмот.
Турската делегација, ќе ја посети и индустриската зона „Жабени“ во Битола, како и неколку приватни компании во градот. Реализираните активности се дел од планираното во протоколот за соработка потпишан минатата година помеѓу зоните „Жабени“ и „Тире“.
Денешната средба, ги зголемува можностите за соработка и помеѓу стопанските комори на двете општини, отворајќи простор за реализација на нови инвестиции во Битола, за што општината согласно својата надлежност, останува отворена за соработка и административна поддршка на потенцијалните инвеститори.


