Општина Битола

ОДБЕЛЕЖУВАЊЕ НА ДЕНОТ НА ФАРМЕРИТЕ

По повод „Денот на фармерите“, во организација на Бимилк, денес се одржа настан посветен на кооперантите – вредните фармери кои секојдневно вложуваат труд и посветеност во обезбедување на квалитетно домашно млеко.

На настанот присуствуваше и градоначалникот на општина Битола, Тони Коњановски, кој испрати честитки до фармерите, нагласувајќи го нивното значење за млечната индустрија и развој на агро – секторот:

„Во чест на Денот на фармерите, упатувам искрени честитки и изразувам длабока благодарност до сите вредни земјоделци и сточари од нашиот регион. Вашата посветеност, истрајност и трудољубивост се меѓу најважните столбови на локалната економија и клучниот двигател на млечната индустрија во Битола.

Посебно сакам да ја истакнам соработката меѓу битолските фармери и Бимилк – една од најзначајните агро-прехранбени компании во нашата општина и пошироко. Преку овој силен партнерски однос, не само што се обезбедува пласман на квалитетно домашно млеко, туку се поттикнува и развој на руралните средини, се зајакнуваат малите семејни фарми и целокупниот аграрен еко-систем.

Млекопроизводството во Битола не е само економска гранка – тоа е традиција, начин на живот и иднина која заеднички ја градиме. Како локална самоуправа, остануваме посветени на создавање подобри услови за работа и развој во земјоделството, со цел да им овозможиме на нашите фармери да растат, да инвестираат и да бидат конкурентни“, изјави градоначалникот на општина Битола, Тони Коњановски.

На денешната церемонија беа доделени и признанија за најуспешните фармери во повеќе категории, со што беше нагласена нивната клучна улога во синџирот на производство и одржувањето на високите стандарди за безбедност и квалитет на храната.

Scroll to Top