Македонската химна, заедно со химната на Италија, денес прозвучија од стадионот „Петар Милошевски” во Битола. Во присуство на делегати од УЕФА, претставници на ФФМ, градоначалникот Тони Коњановски, секретарот Борче Димитровски, пратеници во македонското Собрание, советници и бројна публика од околу 8000 гледачи, која го исполни стадионот до последното место, селекциите на двете држави за играчи до 21 година, одиграа меч со резултат 1:0 за Италија.
Во ложата на стадионот „Петар Милошевски“ беа и многу македонски легенди кои се во функција на ФФМ, предводени од претседателот Масар Омерагиќ.
На трибините заедно со селекторот на сениорите Благоја Милевски, беа и Горан Пандев, Ѓорѓи Христов, Илија Најдовски, Николче Новески, како и голем број битолски фудбалски легенди од сите генерации.
На натпреварот присуствуваа и амбасадорите на Италија и Шпанија во нашата земја, Паоло Палминтери и Рафаел Соријано Ортиз.
Вистински спортски празник, во спортска Битола.


















