По 46- ти пат во Битола се одржува фестивалот посветен на творците на сликите на големото платно, ИФФК „Браќа Манаки“. На свеченото отворање, градоначалникот на општина Битола Тони Коњановски, му ја врачи наградата Златна Камера 300, за особен придонес во светската кинематографија на турскиот режисер Семи Капланоглу.
Во своето обраќање, градоначалникот посака ова фестивалско издание да биде уште една светла страница во историјата на филмската уметност во Битола.
„ Фестивалот „Браќа Манаки“ не е само културен настан – тој е симбол на идентитетот на Битола, прозорец кон светот и доказ дека нашата локална приказна има глобално значење. Секоја година, овде се среќаваат лицата кои ни го прикажуваат светот на филмот низ нивните очи, тука се актерите, режисерите, критичарите и љубителите на филмот од целиот свет, создавајќи дијалог преку сликата, светлината и уметничкиот израз.
Како градоначалник, но пред сè како битолчанец, посебно сум горд што Битола е домаќин на еден од најзначајните културни мостови во регионот. Наша должност е да ја поддржуваме уметноста, да ја чуваме традицијата и да создадеме услови оваа фестивалска приказна да расте и да се развива уште повеќе“, истакна Коњановски.
На свеченото отворање, покрај градоначалникот, на сцената се обратија директорот на фестивалот Димитрија Доксевски, претседателот на Друштвото на филмските работници на Македонија, Игор Иванов Изи, а претседателката Гордана Силјановска-Давкова, официјално го прогласи 46. Интернационален фестивал на филмска камера „Браќа Манаки“ за отворен, преку видео порака.
Филмот „Мајка“, во режија на Теона Стругар Митевска, кој е составен дел од официјалната конкуренција за наградата Златна Камера 300, го отвори 46-тото фестивалско издание.
Во наредните 7 дена, Битола ќе живее со магијата на филмот и уметноста, а филмските платна ќе донесат бројни светски наслови, прикажани на престижните светски филмски фестивали.










